Бившиот градоначалник на родниот град на Мусолини, Предапио, пред дваесет години дозволил продажба на нацистички сувенири во малите продавници низ градот, мислејќи дека ќе може да ја ограничи нивната циркулација и продажба. Но обожавателите на Бенито почнале масовно да ги купуваат, сите тие минијатурни статуи, маици и врамени фотографии, и да ги поставуваат на гробот на фашистичкиот диктатор со чие име се поврзува мрачен период на италијанската историја. Тој траел до 1943, кога Мусолини бил уапсен и две години подоцна егзекутиран.
Денешниот градоначалник, Џорџо Фрасинети, го нарекува ова „најголема грешка која градот некогаш ја направил“, бидејќи на некој начин излегло дека тој е отворен за екстремистите, кои почнале да организираат маршеви низ градот на датуми поврзани со за нив важни историски настани, како на пример годишнината од доаѓањето на нивниот миленик на власт.
Сега, вели градоначалникот кој е од Демократската партија, градот е третиран како „Чернобил на Италија“, како да е контаминиран. Неговото решение - отварање на долго напуштениот Фашистички центар (во 1937 нарекуван Куќа на фашизмот и гостопримството), и негово трансформирање во музеј, кој нема да биде наменет за славење на политичкиот режим кој е виновен за смртна на илјадници луѓе, туку за едуцирање на Итлаијанците за радикалниот национализам. Ова според него е особено важно во момент кога стравот од подемот на оваа идеологија расте. Радикално десната, антимигрантската Ла Лега е партија која на последните избори доби 18% од гласовите, со што ја надмина партијата на поранешниот премиер, Берлускони. Од тогаш поддршката за оваа партија само расте.
„Откако луѓето ќе го посетат музејот кој ќе ја раскажува целата приказна за фашизмот, тие нема да бидат толку расположени да купат статуа од Мусолини од продавницата од спротива“, тврди градоначалникот, кој е подготвен на овој начин да излезе на крај со големиот број луѓе кои парадираат низ неговиот град со нацистички ознаки.