Госпоѓа МекМулен, некогашна стујардеса, готви гола повеќе од две децении. Со сопругот живеат во семејна нудистичка населба на езерото Комо во Луц, северно од Тампа, Аризона. МекМуленови се само двајца меѓу повеќе од 10 милиони Американци кои се идентификуваат како нудисти или натуралисти.
Некои историчари велат дека модерното натуралистичко движење на Запад се појавило во Европа во 18 век промовирајќи здравје, изложување на телото на свеж воздух и на сончева светлина; други го трасираат неговото потекло во Германија во 19 век, како вид отпор кон индустријализацијата преку поедноставно живеење, поблиску до природата.
Одмаралишта, групи и плажи за нудисти почнале да се појавуваат кога Германците емигрирале во САД во 20 век, со себе носејќи ги и своите уверувања. Сега нудисти има низ цела Америка, иако од разбирливи причини тие се концентрирани во потоплите краишта. Ерик Шутауф, извршниот директор на Американското здружение за нудистичка рекреација, вели дека во него членуваат главно постари, пообразовани и побогати луѓе. На Флорида, на пример, во 2017 имало 34 нудистички одмаралишта, кои на државата и донеле 2,2 милиони голи туристи годишно.
Постои и релативно нов термин за овој вид на одмор - „нејкејшн“, кој вклучува различни правила за однесување во овие заедници, кои формираат цела супкултура. На пример правила за голо вечерање или за голо караоке. Здружението на своите членови испраќа дури и „безбедни“ рецепти за готвење, на пример тава ориз со пилешко.
„Голите готвачи“ велат дека без облека на нив се чувствуваат покреативно и помалку инхибирано. „Тоа е како сликар кому умот му е слободен од сето останато. Тогаш слика што ќе му текне“, вели еден од жителите на населбата на езерото Комо. Поврзаноста на нудизмот со храната е некако логична. Кога се појавил во Европа тој како движење имал подеднаква врска со исхраната колку и со облеката. Некои нудисти и тогаш одбегнувале месо и нездрава храна.
Нова репортажа во Њујорк Тајмс го опишува искуството на живеење во ваква заедница. На пример во ресторанот во спомнатата заедница, кој се вика „Голи газови“ сè што треба да донесете е крпа за седење, поради хигиенски причини. Голиот човек тука може и да си ја средува градината, да ги шета кучињата или да игра одбојка. Облечените, како вработените во ресторанот, барот и администрацијата, но и посетителите кои не се чувствуваат пријатно голи, во речникот на нудистите се нарекуваат „текстајлс“ (платнени). А тие според нудистите никогаш нема да сфатат дека да се биде гол нема врска ни со пржење сланина, ни со егзибиционизам, туку со - слобода.