Death е опишан како гараж-рок или протопанк бенд од Детроит, Мичиген, формиран во 1971 од браќата Боби, Дејвид и Данис Хакни. Тројцата Афро-американци, под влијание на Стуџис, Ху и Алис Купер, вежбале во домашната гаража и направиле неколку демо снимки под името Rock Fire Funk Express, додека еден од браќата не ги убедил да го сменат името во порадикалното „Смрт". Следело снимање седум песни во студио на Колумбија рекордс во Детроит, но претседателот на компанијата бил дециден дека за соработката да продолжи тие ќе мора да се прекрстат во нешто помалку нихилистичко. Бендот одбил, и продолжил со објавување самиздат сингл со две песни во само 500 примероци. Наскоро еден од браќата (иронично - баш тој што го одбрал името) умира, и со тоа во 1977 групата згаснува.
Но во 2008 синовите на Боби Хакни почнуваат своја група и прават обработки на старите песни на „Смрт" откако според една верзија ги откриле старите снимки во подрумот на куќата, а според друга слушнале некоја од песните онлајн. Веќе следната година се ре-издадени седумте демо сники на албум под наслов „За целиот свет да види", а нивната песна „Фрикинг аут" е искористена во епизода на шоуто „Како ја сретнав мајка ти". Во 2012 е снимен и документарец со целата приказна под име „Бендот наречен смрт".
„Воопшто не се вклопувавме", вели еден од членовите во филмот. „Рок бендовите со кои се идентификувавме, не можевме да се дружиме со нив. Ние бевме на источната страна на градот, во црната заедница. Повеќето од бендовите ги пееја песните на Ал Грин, Earth Wind & Fire..Да си од афро-американската заедница и да имаш рок бенд, тоа беше чудно. Откако ќе исвиревме песна, наместо да слушнеме аплауз или што и да е, луѓето само гледаа во нас молчејќи".
Денешната критика ретроактивно ги толкува песните на „Смрт" како алка која недостасува помеѓу хард рок сцената на Детроит од раните '70-ти и вртлогот на панкот од крајот на седумдесетите. „Политичарите во моите очи" и „Продолжи со чукање" се опишани како „напливи на див ур-панк", и се споредуваат со подоцнежните песни на Рамоунси или Секс пистолс. Џек Вајт од White Stripes кој пораснал во Детроит изјавил дека кога прв пат ја слушнал групата не можел да поверува дека нејзината музика е снимена толку одамна, пред панкот и пред своето време. Денес членовите на групата имаат нешто повеќе од педесет години, но заедно со новата генерација музичари од семејството ја живеат втората младост. Дури и да не сте по панкот, ќе мора да се согласите дека ова е јако.
The number one biggest game
It's when they gain the most fame
It's like a race to the top
Because they wanna be boss
They don't care who they step on
As long as they get along
Трејлер за документарецот: