Домаќински Букбокс

Пролетно средување книги

Додека го пишувам ова фрлам поглед кон моите полици и сфаќам дека ако ги послушам понудениве совети веќе никогаш нема да можам да си лоцирам ниедна книга - сите веќе си имаат најдено место без логика и посебен естетски 'дојам'.

Ама ако сте пицајзла во средувањето и умерен фетишист, еве неколку корисни совети. Ако па немате толку книги за да ви се проблем, блазе си ви. Вам ви е барем средено по дома.

1. Инвестирајте во квалитетни полици, без оглед колку и да се откачено дизајнирани или „конзервативни“, особено ако оние кои сте ги користеле претходно попуштиле под тежината
2. Грбовите на книгите нека бидат во иста линија (неколку сантиметри од работ на полицата - не мора баш да мерите со метро)
3. Одбегнувајте да ги „украсувате" полиците со ситници. Така е потешко да извадите некоја книга ако ви затреба, а и делува неуредно.
4. Чувајте ги најтешките книги на најдолните полици, а другите тешки на полици кои не се вадат/мрдаат. Така е и побезбедно, а и поубаво за око.
5. Прилагодете ги полиците за да одговараат на висината на книгите. Делува подобро ако нема многу слободен простор над книгите. Не трупајте книги (или што и да е друго) едни врз други, од истите причини како и број 3
6. Оставете малку слободен простор на секоја полица за книгите да не се престиснати, но не премногу за да не се навалуваат
7. Како исплатлива алтернатива на вградени полици, поставете неколку идентични полици на ѕидот, обоени така за да се „втопуваат" во него.

Бонус: Ако живеете со партнер кому книгите му се подеднакво важни, или уште поважни отколку што ви се вам, уште од прва одредете си која се ваши а кои негови полици. Така кога ќе се скарате нема да морате да го нарушувате нивното фенг-шуи - оној кој ќе си замине просто ќе си ги испразни своите.

 

8 мај 2012 - 07:26