Кукличката е долга 50 сантиметри, издлабена е од дрво и рачно офарбана. Денес нејзината униформа направена од платно е испокината. Добро е што е воопшто сочувана со оглед на нејзината судбина - била закопана во двор во Белгија на почетокот на Втората светска војна, откопана по нејзиното завршување, потоа преселена во САД по деветдневна пловидба преку Атлантикот, складирана и речиси заборавена во поткровје во Оукланд, Калифорнија. Па сепак нема сомневање кого го претставувала, со препознатливиот „четкаст“ мустаќ и крената десна рака во нацистички поздрав.
Тоа е марионета на Хитлер, рачно изработена од дрво при крајот на 1930-тите од аматер-куклар под име Исидор (Мајк) Ознович, а облечена од неговата сопруга, Фламанката Франсис, во текот на нивниот живот во предвоена Белгија.
Човекот којшто ја пронашол во поткровјето е синот на Исидор, Френк Оз, еден од најпознатите куклари на 20 век, „татко“ на Куки монстер, Мис Пиги и други, најпознат по својата соработка со Џим Хенсон, а подоцна по тоа што го позајми својот глас за ликот на Јода од „Војна на ѕвездите“. Марионетата прв пат ќе биде јавно прикажана на изложба во Современиот еврејски музеј во Сан Франциско.
Таткото на Оз бил привлечен кон кукларството кога како 11-годишно момче присуствувал на улично шоу во кое имало живописни сицилијански кукли во Антверп. Откако пристигнале во Оукланд во 1951, родителите на Оз го основале Синдикатот на кукларите на областа Сан Франциско, а нивната дневна соба станала собиралиште на занаетчии и ентузијасти. Оз научил како да прави кукли од својот татко и како тинејџер заработувал 25 долари на час одржувајќи претстави. Сепак, бидејќи го чувствувал како наметната семејна обврска, не го сакал кукларството, туку сакал да стане новинар. Сè додека една случајна средба со Хенсон со кого се сретнал на конвенција на куклари кога уште бил тинејџер не му го променила ставот.
Спомнатата марионета и уште неколку глави изработени од татко му, како видео интервју со него пред смртта во 1998, сега ќе бидат прикажани на изложбата под наслов „Оз е за Ознович: историја на една кукларска фамилија“, која се отвора денес, 21 јули.