Иднината на телевизијата е во минатото?

„Почудни нешта“ и културата на 80-тите

Една од сериите за кои најмногу се зборува деновиве, чијшто успех се припишува на „факторот на носталгијата“. 

„Деца на велосипеди од мал град во Америка се соочуваат со нешто големo и страшно“ - вака би можел да гласи наједноставниот, но и најточниот опис на она што се случува во серијата во производство на Нетфликс, Stranger Things. 12-годишниот Вил мистериозно исчезнува, по што неговата мајка (Винона Рајдер - ретро лик сама по себе), тројцата најдобри другари и брат му, како и локалниот шериф, почнуваат потрага по него, која ги носи на неочекувани места, во свет кој е опачина на овој, населен од крвожедни суштества, со кого комуницира девојче со натприродна моќ.

За оние растени во осумдесетите целата атмосфера е градена врз основните нитки на научно-фантастичните филмови од тоа време - Спилберг/Лукас/Кинг комбинација, која не може а да не биде добитна. Аналитичарите на сите можни референци во серијата сметаат дека ваквото кокетирање со визуелниот лексикон на младешката култура на осумдесетите е намерно, за серијата да ѝ се обрати на демографски доминантната публика на Нетфликс, а која во тинејџерските години, исто како и ликовите од серијата, во собите имала постери од Evil Dead, Jaws, или барем од Том Круз. 

Но ова е и уште еден производ кој покажува дека Холивуд минува низ опсесија со носталгија - од „Ловци на духови“ преку „Нинџа желки“ до „Лего“. Како што вели ова пародично видео, таквите филмови собрани на куп можат да се рекламираат како еден, под наслов „Буквално сè од вашето детство“. 

Креаторите на серијата, браќата Дафер, се родени 1984, но тие очигледно се одлично воведени во приказните во кои инаку досадната американска провинција преку ноќ се претвора во пекол на земјата (патем, Твин Пикс исто така се враќа на екраните следната година). 

Според анализа на Гардијан, можеби ова не е само продукциски трик, туку знак дека осумдесетите се репризираат и во поширок општествен контекст. Доналд Трамп како Реган на стероиди? Тврдата линија на Путин по углед на советските лидери како Брежњев и Андропов? Носталгија по ретро технологија како реакција на злите аспекти на современата? Без оглед дали во ова „има нешто“ или не, може само да жалиме што засега има само една сезона од серијава, која ја изгледавме на екс. 

Референците:
- The Goonies
- Alien
- E.T the Extra-Terrestrial
- Firestarter
- Poltergeist
- Close encounters of the third kind
- A nightmare on Elm Street
- Explorers
- The Shining
-Stand by me
- Carrie
- Commando

11 август 2016 - 15:32