Вчерашното (16.2) отворање на Меѓународниот филмски фестивaл во Берлин беше одбележано од уметност, но и од политика. По вовед на сцената од режисерот и актер Шон Пен, украинскиот претседател Зеленски се вклучи во живо повикувајќи ги уметниците да се кренат против Русија и инвазијата, забележувајќи дека културата „зазема страна и кога не реагира“.
По ова следеше светската премиера на „Таа ми пристапи“ (She Came to Me) на Ребека Милер, во кои главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј, Мариса Томеј и Питер Динкилиџ. Станува збор за романтична комедија за композитор кој се обидува да напише опера но страда од креативна блокада. Страста за пишување и за живот му се враќа по авантуристична врска за една ноќ.
19 филмови ќе се натпреваруваат за највисоките фестивалски награди, Златната и Сребрена мечка. Од нив пет се режирани од Германци, помеѓу кои има и ветерани, како Маргарет фон Трота со „Ингеборг Бахман - патување низ пустината“, биографски филм за австрискиот пет и Кристијан Пецолд со „Запалено“, вториот дел од неговата серија филмови инспирирани од основните елементи вода, земја, оган и воздух која започна со „Ундина“ во 2020 (според водни елементи во алхемијата на Парацелзус, исто така бајколики суштества во европскиот фолклор).
Единствениот документарец во конкуренција е „На Адаман“ од францускиот мајстор на опсервациските документарци, Николас Филибер, кој зборува за пловило на реката Сена, во срцето на Париз, кое е всушност дневен центар за луѓе со ментални нарушувања.
Во натпреварувачкиот дел не се појавуваат голем број ѕвезди, бидејќи изборот не вклучува големи продукции од американски студија или стриминг платформи. Сепак, тука е „Манодром“, трилер со Џеси Ајзенберг и Едријен Броди, кој зборува за млад човек кој случајно завлегува во култ кој ја слави машкоста, по што животот му се претвора во хаос.
Во конкуренција се и два анимирани филмови од Азија - јапонското аниме „Сузуме“ од Макото Шинкаи, кое веќе е комерцијален хит во татковината, а „Уметнички колеџ 1994“ од кинескиот режисер Лиу Џиан е додаден во програмата во последен момент.
Во жирито, покрај претседателката Кристен Стујарт, се и иранско-француската актерка Голшифте Фрахарни, германската режисерка и писателка Валеска Гризенбах, американската продуцентка Франсин Мајслер, хонг-хоншкиот режисер Џони То и двајца поранешни добитници на Златна мечка, романскиот режисер Раду Џуде и режисерката од Каталонија, Карла Симон.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 25 февруари.