Кога каталонскиот уметник Ориол Виланова во Музејот на Пикасо во Париз изложил палто полно со картички кои посетителите можеле да ги вадат и да ја разгледуваат нивната содржина, не можел да претпостави што ќе се случи.
При крајот на март оваа година, 72-годишна жена го зела со себе синото работничко палто кое висело на ѕидот. Според францускиот „Ле Паризјен“, таа потоа си го стеснила на шнајдер за да ѝ пасува. Веројатно не била свесна дека нејзината кражба била забележана на камера, бидејќи неколку дена подоцна повторно дошла во музејот и била уапсена од страна на полицијата, која во моментот била присутна собирајќи докази за случајот.
Додека била во притвор, пензионерката, која наводно е страствена љубителка на уметноста, веднаш признала дека го украла палтото, но не сфатила дека е уметничко дело. Полицијата го пронашла во нејзиниот дом, но со скратени ракави. По неколку часа испрашување обвинителството ја пуштило дома и кренало раце од случајот.
Делото на Виланова припаѓа на неговата серија „Стари мајстори“ (2017-2021), а вклучува полнење на џебовите на палтото со разгледници кои прикажуваат уметнички дела од големи фигури во историјата на уметноста. Тие во случајов биле купени на бувљаци и во музејски продавници, а сите содржеле слики од делата на Пикасо.
На авторот не му е толку до палтото, туку до тоа што при кражбата се уништени (веројатно фрлени) сите 150 разгледници кои тој сега никако не може повторно да ги собере. Музејот се оградува од целиот настан, бидејќи на Виланова му било сугерирано да го фиксира палтото но нему му било битно да може публиката да посегнува по него и по разгледниците.