Скулпторката Алексис Арнолд дошла до интересна идеја старите книги и списанија да ги претвори во нешто на половина пат помеѓу геолошки ремек-дела и пост-апокалиптични остатоци од некоја бескрајна зима.
Ако сакате да ја пробате финтата, ви треба врела вода заситена со боракс во прав (она истото што некогаш се користи за туршија и џемови, а богами и за смеса против бубашваби). Книгите се потопуваат во растворот, а потоа откако ќе се исушат во форма која ќе им ја дадете на нив остануваат илјадници светликави кристалчиња. Целата работа делува уште поинтересна ако ги знаете насловите на книгите, како „Советска генетика“ или „Злосторство и казна“.
Авторката вака ја објаснува смислата на постапката:
„Кристализирањето ја нагласува или ја создава естетиката на овие некогаш утилитарни предмети, кои на овој начин влегуваат во светот на застареното, нешто што повеќе не е неопходно. Тие сугерираат и минати приказни, но и пост-човечки иднини, исполнети со носталгија, чудесност и несопирливото течење на времето“
Нејзините дела се изложувани од 2004, а на нeјзиниот сајт освен вакви книги има и други експерименти со светлина, форми и „хибернација“ на предметите, меѓу другото и со - цемент.