Во „златниот социјализам" во БИГЗ, која во времето на неговото формирање бил државна печатница, работеле речиси 3,000 луѓе. Од 1990, со гасењето на фирмата, зградата почнала да пропаѓа, за во последниве неколку години во неа да се вселат голем број млади уметници, дизајнери и музичари, па така зградата неофицијално да стане културен центар на новата српска сцена.
И сето тоа било фино до моментот кога актуелниот сопственик на зградата, српскиот тајкун Петар Матиќ, кој просторот го приватизирал под наводно сомнителни околности, не почнал да издава дел од просторот на ноќни клубови. Сликата на срчи и телесни излачувања по ходниците станале редовна појава. А во неделата наутро, кога клубовите не ни работеле, неколку души го нападнале обезбедувањето на зградата и испокршила голем дел од инвентарот во два од нив, „Во змејовото гнездо" и „БИГЗ сцена". Иако најпрвин е објавено дека просториите ги демолирале навивачите на ФК „Рад", сега се шпекулира со изрази како „скинхедси", „имбецили" и „техноманијаци".
Иако ова не е ни прв ни последен случај на некакво хулигантство, рекетарство, или што и да е од можната лепеза етикети на случајов, тој во Белград доби голем публицитет, затоа што многумина го толкуваат не само како обичен инцидент на кршење маси, стакла и столици, туку како симболички напад врз независните, алтернативни уметници, кои токму во оваа зграда се обидуваат да го најдат својот мир. Решението властите го гледаат во ограничување на работата на зградата до 22 часот, забрана за собирање во нејзините простории и затворање на клубовите во рок од три дена. Но работата е што со тоа функцијата на зградата како алтернативен центар практично би замрела.
„Нека престанат луѓето да доаѓаат некое време, нека го искулираат малку БИГЗ, па сè ќе биде по старо", се надева сопственик на студио за тонско снимање во склоп на зградата. Ама најверојатно нема да биде така. Прво е безбол палката, потоа машината за пишување.