„Во пеколот“, чија премиера на Нетфликс се очекува на 28 октомври, според најавите ќе ја истражи и научната и магичната страна на вулканите. Негов соработник на проектот е познатиот вулканолог Клајв Опенхајмер, а тие двајца патувале низ целиот свет за да ги снимат не само огромните „плукачи“ на лава, туку и народите и културите кои живеат околу нив.
Во текот на 2016 тој има всушност две нови дела во врска со вулкани, едниот „Сол и оган“, игран филм кој се прикажа на филмскиот фестивал во Торонто, за еколог од Боливија кој се соочува со потенцијална ерупција на супервулкан, со Мајкл Шенон во главната улога. Вториот е спомнатиот документарец, за вулкани на Исланд, во Индонезија и Етиопија. И за прв пат на оваа тема во западната документаристика, за вулканите во во Северна Кореја.
Опенхајмер и Херцог се сретнале кога се снимал неговиот претходен документарец за вулканот на Карибите, „Ла Суфриер: чекајќи на неизбежната катастрофа“, односно за евакуацијата која се случила во 1977 заради неговата можна ерупција. Во интервју за Бизнис инсајдер Херцог ја опишува соработката со вулканологот, особено моментот кога тие влегле со камера во Северна Кореја. Таму симболот на вулканот Паекту е многу значаен, и неговиот мит и моќ се вградени во нарацијата за севернокорејската револуција. Херцог му пратил и писмо на Ким Јонг-ун со молба и тој да биде вклучен во документарецот, но не добил одговор.
А што се однесува до вулканите, на прашањето дали тие имаат хипнотичко дејство врз него, и дали некогаш му дошло да дојде поблиску до лавата, Херцог одговара: „Не сум глуп фраер што скока во кратер за да снима од блиску. Веројатно сум единствениот во филмската индустрија кој е ментално здрав“. И ова доаѓа од човекот кој го сними Фицкералдо, во кој за само една сцена 900 луѓе требаше да пренесат цел брод преку планина на раце.