Во понеделникот тим научници соопшти дека телескопот BICEP2 на јужниот пол регистрирал гравитациски бранови кои се ехо на Биг Бенг, на малецок дел од секундата после него, што е во склад со теоријата за ширење на универзумот наречена „Инфлација“ (за што на сајтов пишуваше тука).
Универзитетот Стенфорд објави видео во кое еден истражувач од тимот, Чао-Лин Куо ненајавено доаѓа дома кај Андреј Линде, професор по физика на истиот универзитет, кој бил пионер на инфлациската теорија развиена во 1980-тите. Вратата ја отвараат професорот и жена му, исто така физичарка, а Куо свечено им вели: „Пет сигма е, на втора точка".
Жена ко жена, побргу мисли, и веднаш му приоѓа на Куо и го гушка. За разлика од неа Линде е сосема збунет, и бара да му се повтори: „Пеет сигмаа", му вели полека колегата, а на професорот почнува видливо да му се врти и едвај стои на нозе. Работата е што „сигма" е ознака за степенот на доверливост на резултатот, а колку што е нејзината вредност поголема, толку е помалку веројатно тој да е случаен (што ќе каже погрешен). Сигма пет е да речеме исто толку веројатно колку и дека нема да добиете седмица на лото следното извлекување. Значи, прилично веројатно.
„Ова е момент на разбирање на природата од толкаво значење што восхитува", вели Линде во видеото со неговиот тежок руски акцент. „Да се надеваме дека не е трик. Секогаш го имам тоа чувство. Што ако некој ме мами? Што ако верувам во нешто само затоа што е убаво?".
Кога некој ѕвонел на вратата жената на Линде прашала дали тој можеби нешто нарачал. „Да, нарачав, и еве го дојде триесет години подоцна", се шали сега тој. Убаво е да се види резултатот од макотрпна работа после толку време, а исто е убаво и да се види искрената човечка реакција на радост која ретко ја гледаме од научниците, едноставно затоа што нивната работа не е секогаш интересна за јавноста, која на нив гледа како на жители на некоја „кула од слонова коска“. Оттаму и клипчево е стварно интересно, затоа што е мешавина на нешто што екстремно припаѓа на поп културата, и нешто што стереотипно не припаѓа таму - естетика на реално шоу применето врз наука.