- Нобеловата награда за хемија оваа година им е доделена на Французинот Анри Каган и на Јапонецот Кенсо Соаи за откривањето на нелинеарните ефекти и на автокатализата во асиметричната органска синтеза. Тоа го соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм. Според образложението, нивните откритија биле од клучно значење за хемичарите кои ги поставуваат основите за производство на лекови.
- Некои молекули, како што се аминокиселините, постојат во две варијанти што се огледална слика една на друга (тн. хиралност). Живите организми, меѓутоа, содржат само една од тие огледални форми. Прашањето како може да настане ваква хемиска асиметрија долго време претставувало мистерија за хемичарите. Каган, од Универзитетот Париз-Југ, и Соаи, од Токискиот универзитет за наука, ја добиваат Нобеловата награда затоа што пронашле решение за овој проблем.
- За хиралноста претходно во Букбокс пишувавме тука
- Независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ, ќе биде изведена во културниот и едукативен центар Лабораториум во петок, 13 ноември, во 20 часот.
- Претставата првично е поставена и редовно се игра во КИЦ Офицерски Дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во Скопје. Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
- За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност.“
Билети на МКТикетс и на влез пред почеток на претставата.
- Младиот ликовен уметник од Кочани, Давид Јосифов, во културниот и едукативен центар Лабораториум ќе го претстави своето дело „Змејот од Плачковица“, триптих од скулптури во акрил на метал Отворањето на изложбата ќе се одржи во четврток на 12 ноември во 20 часот.
- Давид е студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и последниве неколку години се фокусирал во ѕидното сликарство. Со „Змејот од Плачковица“, тој се впушта во тродимензионален израз. Идејата од самиот почеток на резиденцијата беше да се работи со разновидни рециклирани и индустриски материјали кои упатуваат на еколошки и општествени прашања, со посебен фокус на ликот на змејот како заштитник на природата.
- Делото е развиено во рамки на резиденцијалната програма „Нови Лица“, во соработка со менторот Владимир Благојевиќ, дипломиран етнолог, музејски едукатор, истакнат уметник, илустратор и автор на медиумски програми од областа на уметноста.
- Ова е нова резиденција во рамки на програмата „Нови Лица“ во Лабораториум, во која претходно Јана Наскова имаше изложба на фотографии „Од шкафот“, Канита Кеј Зеќировиќ го промовираше фанзинот „Наши“, Кристина Таневска работеше мурал во Лабораториум, а Дамјан Чемерски, Давид Станковиќ и Лука Петковски го презентираа мултимедијалниот музички проект „Dаvidian“.