Супер херојот Мачкоптица

Маргарет Атвуд објави стрип за деца

Опишана како една од најзначајните современи писателки, Атвуд, набргу откако го прими Златниот венец во Струга, има уште една причина за частење. Вчера, 6.9., од печат излезе нејзина нова книга - стрип чијшто главен лик е мачкоптица.

„Ангелот Мачкоптица“, иако на прв поглед звучи како необична ставка во опусот на Атвуд, всушност е близок до „социјалната научна-фантастика“, жанр во кој се сместени неколку од нејзините познати дистописки романи, како „Приказната на слугинката“ и „Орикс и Крејт“.

Главниот лик на стрипот е генетски инженер по име Стиг Фелеедус (амалгам од латинските зборови за мачка и був), додека „лошиот“ е професорот Муроид, извршен директор на компанијата Фелеедус, чија главна алатка на контрола се глувци кои на себе носат мали камери за следење. Како и голем број други стриповски херои, Фелеедус се трансформира од просечен „Трпе“ во нешто многу помоќно после случајна незгода. Еден мистериозен серум го претвора во огромна антропоморфна мачка со крила - Ангел Мачкоптица - дарувајќи му сетила и инстинкти и на був и на мачка.

„Зошто добивам нагон да му се фрлам, да му ги заријам забите во вратот и да го тресам напред-назад?“ - се прашува Феледус кога ќе почне да ги чувствува новостекнатите особини. „Па не можам да го направам тоа. Тој ми е шеф!“

Илустрирана од Џони Крисмас, обоена од Тамра Бонвилан и објавена од Дарк хорс комикс, книгата има и вовед од Атвуд, во кој таа објаснува зошто една „стара госпоѓа“ наградувана со речиси сите поважни книжевни награди, не седи на столица за лулање плетејќи наместо да се занимава со летачки животни-суперхерои. Едноставно затоа што пораснала читајќи стрипови, и била опседната со Бетмен, Супермен и Капетан Марвел.

Ова не е нејзина прва книга за деца. До сега напишала и илустрирала една под наслов „Горе на дрвото“, а и самата има направено серија автобиографски стрипови „БукТур Комикс“ на нејзиниот сајт. Во секоја од книгите за деца таа вметнува теми кои ја преокупираат - митологија, екологија и во овој случај грижа за птиците. Атвуд, имено, е претседателка на Меѓународниот клуб на ретки птици, а „Ангел Мачкоптица“ е објавена во соработка со конзервациската група Nature Canada во рамки на нивната актуелна иницијатива „Безбедност за мачките и спасување живот на птиците“.

Извадоци од книгата:

 

7 септември 2016 - 09:35