Режисерска слобода или смрт

Маките на Тери Гилијам

Aко не сте го гледале „Бразил" на Гилијам („Страв и омраза во ЛА", „Имагинариумот на д-р Парнасус") веројатно е време тоа да го направите. Мешавина на научна фантастика и сатира, тоа е приказна за еден тоталитарен свет, сличен на оној во Орвеловата 1984-та, но со многу црн хумор.

И покрај импресивната актерска екипа, која ги вклучува Роберт Де Ниро, Мајкл Палин и Боб Хоскинс, и сценаристичкото трио во кое освен самиот Гилијам учествува и славниот Том Стопард (сценариото беше номинирано за Оскар во 1985), шефот на Universal Studios, Сид Шајнберг, не бил нешто воодушевен. Пред завршувањето на монтажата, рекол дека сака филмот да биде похепи и со поинаков крај. Гилијам веднаш реагирал со писмо, но кога не добил никаков одговор, решил да се обрати јавно. Еве ја пораката до студиото и до Шајнберг лично, која зборува многу за маките низ кои поминуваат дури и големите филмски имиња за да ја одржат во живот својата визија.

Почитуван Сид,

Еднаш ми рече дека ти не си оној кој ме стави во столчето на крајот на „Бразил". Се плашам дека ова веќе не е вистина - не можам да смислам ниту еден друг кој е директно одговорен за мојата сегашна состојба. Твојата подоцнежна понуда да бидеш пријател кој потоа станува мачител излезе повеќе од вистинита. Не сум сигурен дека си свесен колкава болка нанесуваш, но не верувам дека „одговорноста кон компанијата" на кој и да е начин те оправдува во однос на злосторствата кои ги правиш кон овој мал огранок од човештвото. Сè додека на филмот е моето име, она што му се прави нему ми се прави и мене - нема начин за одделување на овие два ентитета. Го чувствувам секој засек, особено оној кај јајцата. И те молам, што и да се прави во името на легитимните и одговорните експерименти или од името на лична љубопитност, ако навистина сакаш да си правиш твоја верзија на „Бразил", тогаш стави си гоимето на него. Тогаш можеш да правиш што сакаш. „Бразил на Сид Шајнберг", баш звучи добро. Но, до тој момент, ќе продолжам да одбивам. Те молам кажи ми уште колку морам да трпам пред крварењето да престане.

Твој во распад,

Тери

12 јуни 2012 - 12:29