Во шумите во западните делови на Демократска Република Конго, прворотките од племето Еконда, познати како Валес (Walés) или „доилки" следат строги обредни правила за заштита на новороденчињата и за сопствено здравје. Три-четири години по пораѓањето младата жена живее во полуизолација, одделена од мажот, најчесто кај мајка ѝ, каде семејството и останатите членови на племето се грижат за неа. Таа секојдневно се мачка со црвен прашок направено од дрвого Нгола, за кое се верува дека штити од зло и од болести, одбегнува тешка работа и сексуални односи. Кога ќе дојде времето за повторно приклучување кон поранешниот живот, жената прави некој вид „шоу" за заедницата, прикажувајќи низ песна и танц што научила од овој период.
Токму ваквите прослави го привлекле вниманието на Патрик Вилок (Patrick Willocq), француски фотограф, кој долго време живеел во Демократска република Конго. Од 2013-2015 тој, како што пишува Њујоркер, има направено две серии фотографии, „Јас сум Валé" и „Засекогаш Валé", за кои има изработено детални и надреални сетови, инспирирани од нарациите на мајките од племето Еконда, кои се фотографирани во таквата сценографија, која го прикажува она за што тие раскажуваат. На една од сликите, на пример, 18-годишна прворотка е прикажана во птичје гнездо додека гледа како нејзини пријателки летаат наваму-натаму. Преку оваа метафора младата мајка всушност ги критикува оние жени кои повеќе сакаат да скитаат отколку да се грижат за децата.
Еве дел од фотографиите, а повеќе на официјалната страница на Вилок.