Третиот човек (1949), или можеби Третата мачка?
На почетокот на славниот филм едно маче си игра со врвката од чевелот на некој непознат човек кој стои во темен влез. Нашиот прв поглед кон Хери Лајм, е еден од највпечатливите претставувања на главен лик во филм. Ако поубаво се анализираат кадрите со мачето се сфаќа дека не се работи за едно туку за најмалку три различни мачиња кои не можеле да бидат апла исти. Филмот на Керол Рид е можеби класика, ама тешко дека може да добие поени за „мачешки континуитет".
„Ѕвонче, книга и свеќа“ (1958)
Романтична комедија со Ким Новак, Џејмс Стујарт и Џек Лемон. Таа е „вештерка" од Гринич Вилиџ која се бави со магија ама е од добрите. Како и сите вештерки си има мачка, сијамка, која се вика Пајвакет. Заедно тие фрлаат неодолива љубовна магија врз Стујарт.
Инаку, необичниот наслов асоцира на обред на екскомуникација (не егзорцизам) во кои се користат наведените реквизити.
„Појадок кај Тифани" (1961)
Мачката со боја на мармелад на Одри Хепберн, чиј лик во оригиналниот текст на Капоти вели „Јас сум како мачка, безимена шмизла". Мачката сепак си има свое имe „Портокаловка", Рубарб или Џими, и своја статија на Википедија.
„Живееш само два пати“ (1967), или можеби девет?
Белата мачка на злото прв пат се појавува во серијалот за Џејмс Бонд во „Од Русија со љубов". Во овој филм таа е за греота - во клипчево толку е избезумена од експлозиите што сигурно ѝ бил потребен мачешки психијатар. Актерот пак добро се држи.
„Патот на змејот" (1972)
Брус Ли се тепа со Чак Норис. Додека тие се кочоперат, онака по алфа-машки, едно слатко маче гледа од страна и ич не му чуе. Можеби мисли дека Чак му е род заради обилното крзно, кое во денешната кинематографија веројатно би била цензурирана.
„Долгото збогум" (1973)
Првата сцена на филмот на Роберт Алтман, кој е базиран на детективски роман на Рејмонд Чендлер, го прикажува детективот Марлоу (Елиот Гулд) во кревет, разбуден од неговата мачка која е прилично упорна во својата намера.
„Вонземјанин" (Alien, 1979)
Џонс, уште една портокалова мачка, има повеќе функции во филмот. Партнерка е за муабет на главниот лик Рипли, од време на време неочекувано скока на луѓе и до крајот не е јасно дали е самата заразена од вонземјаните. Ја има и во продолжението, каде ја игра сосема друга мачка, но со истата боја.