Во 1937, брендот цигари Олд Голд дошол на идеја да ја зголеми продажбата: натпревар во решавање загатки. Иако оваа епизода денес е подзаборавена, во тоа време натпреварот поттикнал национална манија која траела со месеци.
Натпреварувачите требало да декодираат серија од 270 цртежи кои во форма на ребуси ги криеле имињата на познати историски личности, како Хари Худини или Рудолф Валентино. Победникот можел да добие неверојатни 100.000 долари (денешни 2 милиони).
- Пример за ребус, кој го крие името на Хорас Грили (Horace Greeley), познат издавач на весници -
Натпреварот доживеал огромен успех: 2 милиона Американци испратиле свои одговори, што значело 350 вреќи пошта секој ден. Олд Голд морала да најми 800 стенографи и службеници за да ги читаат пристигнатите писма. И тогаш имало снаодливи, кои ја искористиле ситуацијата и продавале списоци со готови одговори за долар и 45 центи. Во библиотеките имало наплив на нови членови кои сакале да консултираат лексикони и речници, па библиотекарите морале да постават ограничување од 15 минути за читање на референтните книги.
Од 2 милиони пријави, 54.000 биле со целосно точни одговори на 90-те ребуси. Овие учесници имале право да влезат во втор круг со уште 90 ребуси, кој го поминале 9000 луѓе. По третата рунда останале 8160 учесници, кои ги погодиле сите 270 ребуси. Со оглед на огромниот број луѓе, Олд Голд смислил уште една финта - натпреварувачите требало да напишат есеј за тоа како натпреварот ја зголемил популарноста на цигарите во нивната заедница.
Конечниот победник бил кадетот Вилијам Р. Стагс, морнарички пилот. Тој за списанието „Лајф“ изјавил: „Нема да ја напуштам војската ни за армија чекови од по 100.000 долари“. Сепак, парите му биле доволни да се ожени со својата девојка. Продажбата на цигарите по натпреварот пораснала за 40% и инспирирала други компании да прават слични натпревари.