FN (Front national) е конзервативна, десно ориентирана националистичка партија во Франција, основана 1972, чиј долгогодишен лидер до неговата оставка во 2011 беше Жан-Мари Ле Пен. Иако во првите десетина години од постоењето партијата едвај живуркаше, таа полека стана една од најголемите политички сили во Франција, особено откако во претседателските избори во 2002 прв пат десничар влезе во последниот круг. Иако загуби, оттогаш на Ле Пен, а сега и на неговата ќерка која го наследи, веќе никој не гледа како на маргиналци.
Ова се потврди на локални избори во Франција од минатата недела, кога оваа партија доби број на гласови кој се опишува како „спектакуларен" (7%, што е многу со оглед на тоа дека партијата имаше свои претставници во само 600 од 36,000 француски општини). Ова го вклучи алармот кај францускиот филозоф и критичар Бернар-Анри Леви (за чијашто преписка со Уелбек пишувавме тука), кој одлучи на необичен начин да ги повика гласачите да ги бојкотираат десничарите во вториот круг.
Тој на својата веб страница во текст под наслов „Французи, треба да знаете" објави список на сериозни обвинувања за десетина кандидати на ФН:
„Идејата дека ФН може да добие власт во кој и да е француски град длабоко ме загрижува. Срам ми е што во мојата земја жените и мажите би можеле да им ги врачат клучевите од овие градови на вакви луѓе", вели тој.
Леви и цел тим соработници со месеци ги чешлале биографиите на кандидатите и нивните бизнис и други врски, а особено нивните ставови кон имигрантите и припадниците на различните етнички групи и раси кои живеат во Франција. Еден од кандидатите за градоначалник, на Марсеј, на судење на тројца активисти на ФН обвинети за убиство на 17-годишниот Ибраим Али во 1995, изјавил: „Французите со француско потекло, ги знаеме, сите се бели". Неговиот директор на кампaњата пак, поранешен скинхед, бил осуден на две години робија откако во некој парк се обидел да се отараси од калашњиков, шише содум хлорид и списанија во врска со експлозиви. Друг кандидат бил осуден на година дена затвор заради вооружено насилство и продавање расистичка литература.
Списокот е долг и секоја реченица почнува со „Французи, треба да знаете". Леви предупредува дека сите муабети дека новата претседателка направила реформа, и дека ги исфрлила од своите редови радикалните членови се лага, и дека гласањето за оваа партија уште повеќе ќе ја влоши и онака очајната клима во Франција. Секако, евентуалниот успех на радикалните десничари во Франција само ќе им даде сила на сличните или исти партии во Европа.