Floral Kiss е сè што една жена би можела да посака - лесен, убав и податен за ракување. Не, не е вибратор. Тоа е нов тип лаптоп, дизајниран од „специјален тим жени-инженери, кои напорно работеле за од компјутерот да направат елегантна справа". И сето тоа во соработка со брендот за накит - „Ажет".
Што е тоа што е типично „женски" на овој компјутер? Па да речеме копчето за on/off е со седефен сјај, а Caps Lock-от декориран со украсен камен сечен како дијамант „за софистициран ефект". Лизгачот за спуштање и отварање на капакот е толку лесен за ракување што можете да го користите и тазе маникирани. Од аспект на софтвер тој доаѓа со вградени програми „(Драг) дневник" и „12 дневни хороскопи".
Нормално, и овој производ беше масовно коментиран (читај: тролан) низ интернет. „Лажат дека мириса на цвеќе", „Каде се вградените серии од Сексот и градот?", „Заборавиле календар за следење на нивоата на естроген, синхронизирани со смартфонот на мажот ви" и „Фали трепкачка порака 'кучко една!' за секое посетување на порно или страници со совети за контрацепција".
Ова е само уште еден од бројните „патронизирачки" производи, кои ги вклучуваат и супер смешната розова Хонда за жени, посебното „Чик пиво" кое содржи само 97 калории и - ова е најдобро - розеви пиштоли, од полу-автоматски до 38-мици, колоритно координирани со бојата на претходно споменатите лакирани нокти.