Актуелната кралица на Данска ќе биде дизајнер на сетот на филмувана верзија на „Еренгард“, последното дело на Карен Бликсен, која во англиското говорно подрачје е попозната под својот псевдоним Исак Динесен. Таа го напишала на англиски непосредно пред својата смрт во 1962, а прв пат е објавено постхумно. Бликсен е најпозната по „Моја Африка“, мемоар за нејзиниот живот во Кенија (преточен во познатиот филм со Мерил Стрип и Роберт Редфорд). Неколку пати била во најтесен избор за Нобеловата награда за литература, која не ѝ била доделена бидејќи судиите наводно се секирале да не фаворизираат скандинавски писатели.
Книгата е базирана е на „Дневникот на заводникот“ на данскиот филозоф Сорен Кјеркегор, а се одвива во фиктивното кралство Бабенхаузен. Режисер ќе биде Били Аугуст, данскиот ветеран кој стои и зад „Пеле Освојувачот“, за кој доби Златна палма и Оскар за најдобар странски филм во 1988.
Кралицата на Данска, која стапна на тронот во 1972 и е врховен командант на данската армија, има долга кариера како уметник. Ги има изработено илустрациите за данското издание на „Господар на прстените“ а одржала и самостојни изложби во дански галерии. Нејзин е дизајнот на сетот на фантастичната бајка „Диви лебеди“ од 2009, кратка адаптација на приказна на Ханс Кристијан Андерсен.
„Приказните на Карен Бликсен секогаш ме фасцинирале, со својата имагинација и со световите креирани преку слики - среќна сум што сум дел од овој проект. Се обидов да го интерпретирам фантастичниот универзум со декупажи и костими и едвај чекам тие да бидат оживенаи во овој филм“. Декупажите (украсување со лепење обоена хартија на различни подлоги) ќе бидат доминантна одлика на сценографијата.
Филмот ќе биде премиерно прикажан на Нетфликс во 2023.