Кој знае колку напор и вложувања требало за да се стигне до финалето на престижниот натпревар Чајковски во Москва. Оваа година тоа го постигна кинескиот пијанист Тианшу Ан, кој можеби ќе заслужеше и нешто повеќе да не се случеше недоразбирање од епски пропорции.
20-годишниот виртуоз на долното видео пред својата финална изведба пред жирито и публиката седнува на сцената мислејќи дека ќе го свири Концертот за пијано број 1 на Чајковски, а по него Рапсодијата на тема од Паганини на Рахмањинов. Но заради административна грешка која се случила зад сцената непосредно пред тоа, оркестарот и диригентот биле подготвени за обратниот редослед.
Кој знае што му се вртело во главата на Тианшу Ан во тој краток момент на тишина пред да се слушнат првите ноти. Можеби помислата на 30-те илјади долари награда со која ете има шанси да замине дома? Или гордите ликови на неговите родители и на професорот заслужен за неговите успеси? Во еден момент тој му дава знак на диригентот Василиј Петренко дека е подготвен, без да знае колку не е - наместо епските оркестарски акорди на Чајковски, почнува Рахмањинов, кој подразбира брз упад на пијанистот, без можност за некаква сигнализација дека работата е тргната во погрешен правец.
Тианшу Ан, и покрај ужаснатиот поглед, покажува неверојатна концентрација и успева во стотинка да се префрли од едното на другото дело и да го оддржи целиот концерт. По изведбата, организацијата на натпреварот издала соопштение во кое се извинува за „огромната грешка“ во подредувањето на делата од страна на вработен во оркестарот. Жирито официјално го поканило Ан уште еднаш да ја изведе целата програма, но тој, очигледно трауматизиран, одбил. Веројатно уште долго ќе проверува со диригентот пред почеток на секој иден концерт која ќе ја свират.
За победник на овогодинешниот натпревар е прогласен 22-годишниот француски пијанист Александар Канторов.