Кога биографијата станува фикција: од Мари Софи Хингст до Џејсон Ардеј

Приказната за Џејсон Ардеј, поранешниот професор на Кембриџ кој во август 2026 година беше пронајден мртов, повторно го отвори прашањето за Мари Софи Хингст – германската историчарка и блогерка која во 2019 година се самоуби, откако беше разоткриено дека измислила цела семејна историја поврзана со Холокаустот.

Мари Софи Хингст била родена во 1987 година во Германија и потекнувала од протестантско семејство. Студирала историја, докторирала на Тринити колеџ во Даблин и во 2013 година го започнала блогот „Read On, My Dear, Read On“. Таму се претставувала како потомок на еврејско семејство од Стралзунд, чии членови биле прогонувани и убиени во холокаустот. Пишувала за наводните семејни трауми со бројни детали, создавајќи приказна што звучела интимно, уверливо и – токму затоа – исклучително тешко за доведување во прашање.

Во една од нејзините приказни, нејзините баба и дедо наводно преживеале, а секоја година на годишнината од Кристалната ноќ во темнината го чекале враќањето на своите роднини. Хингст пишувала и дека поседува жолта ѕвезда што нејзината баба ја носела во Аушвиц. Раскажувала и за сопствената мајка, која наводно извршила самоубиство, како и за сопствената работа во болница во сиромашен кварт во Њу Делхи и за часови по сексуално образование што наводно ги држела за сириски бегалци во Германија.

Приказната била успешна. Нејзиниот блог имал повеќе од 240.000 следбеници, во 2017 година ја добила наградата „Златен блогер“ за блогерка на годината, а во 2018 година „Фајненшал тајмс“ ѝ ја доделил наградата „Иднината на Европа“. Хингст дури доставила податоци за 22 наводни роднини – жртви на Холокаустот – до Јад Вашем.

Но, со растот на нејзината популарност растеле и сомнежите. Историчарката Габриеле Бергнер забележала несогласувања во нејзините приказни и почнала да ги проверува. Со помош на други истражувачи, генеалози и архивисти, се обидела да ги најде луѓето што Хингст ги опишувала. Резултатот бил поразителен: не можеле да се најдат докази за постоењето на 22-те наводни жртви.

Истражувањето на новинарот Мартин Дори од „Шпигел“ ја открило целата димензија на измамата. Архивите во Стралзунд покажале дека Хингст потекнувала од протестантско семејство. Дедото за кого тврдела дека бил затвореник во Аушвиц всушност бил протестантски свештеник. Не се покажала точна ниту приказната за нејзината мајка: таа не се викала Рејчел и не била мртва, туку Корнелија Хингст и живеела во Германија. Подеднакво неосновани биле и тврдењата за нејзината работа во Индија.

По објавувањето на истрагата, блогот бил затворен, а наградата ѝ била одземена. Хингст преку адвокат се бранела со тврдењето дека нејзините текстови биле литература, а не историографија или новинарство, и дека содржеле значителна „уметничка слобода“. Но токму тука се појавил најголемиот проблем: нешто што можело да биде книжевна измислица било претставувано како вистинска семејна историја и било внесено во институционален архив посветен на жртвите на Холокаустот.

Овој феномен понекогаш се нарекува „Вилкомирски ефект“, според Бинјамин Вилкомирски, псевдонимот под кој швајцарскиот музичар Бруно Десекер во 1995 година објавил мемоари за наводното преживување на Холокаустот. Книгата била прифатена како потресно сведоштво, добила книжевни награди и била преведена на повеќе јазици, сè додека истражувањето не покажало дека авторот не бил Евреин од Летонија и дека не ги преживеал концентрационите логори – тој бил роден во Швајцарија. Оттогаш изразот се користи за случаи во кои луѓе присвојуваат или создаваат еврејски идентитет и семејна траума поврзана со холокаустот, понекогаш очигледно свесно, а понекогаш во контексти во кои границата меѓу измисленото сеќавање, личниот идентитет и намерната измама е потешко да се повлече. Во тој поширок контекст, случајот на Мари Софи Хингст е особено вознемирувачки бидејќи таа не го измислила само сопственото потекло, туку и 22 наводни жртви на Холокаустот.

Тој станал уште потежок кога новинарот Дерек Скали од „Ајриш тајмс“ ја интервјуирал Хингст. Според неговото сведоштво, тој стекнал впечаток дека станува збор за психички ранлива личност и дури решил да не го објави својот текст, плашејќи се дека дополнителното медиумско внимание би можело да ѝ наштети. Тој контактирал со нејзината мајка, која зборувала за долгогодишните психички проблеми на својата ќерка и за нејзините обиди да се стабилизира.

На 17 јули 2019 година Мари Софи Хингст била пронајдена мртва во својот стан во Даблин. Нејзината смрт била потврдена како самоубиство. Неколку дена подоцна Скали сепак го објавил текстот за неа, а Дори во „Шпигел“ повторно ја отворал дилемата дали било исправно да се известува за нејзината измама непосредно пред нејзината смрт. Тој заклучил дека било неопходно, пред сè за да се заштити сеќавањето на вистинските жртви на Холокаустот.

Токму затоа случајот на Хингст повторно се споменува денес, во контекст на драматичниот пад на Џејсон Ардеј. Како што пишувавме на сајтов претходно Ардеј беше назначен за професор на Кембриџ во 2023 година и стана најмладиот црн професор во историјата на универзитетот. Неговата животна приказна – за човек кој, според неговите сопствени сведоштва, како дете бил невербален и не научил да чита и пишува до својата 18-та година, а потоа стигнал до врвот на академскиот свет – бил значаен дел од неговиот јавен имиџ, до моментот кога се појавија обвинувања за плагијат во неговата докторска дисертација и прашања за други делови од неговата биографија. Ардеј ги негирал обвинувањата за академска нечесност, а претходна истрага на Универзитетот „Ливерпул Џон Мурс“, каде што докторирал, не утврдила плагијат. Сепак, новите прашања довеле до дополнителна истрага на Кембриџ, а на 5 август Ардеј поднел оставка, наведувајќи дека непрестајните обвинувања, шпекулации и јавни коментари имале длабоки последици врз него и неговите блиски. Девет дена подоцна бил пронајден мртов во својот дом во јужен Лондон. Имаше 41 година. 

25 август 2026 - 15:22