Entente Cordiale (Aнтант Кордијал) се серија договори потпишани на 8 април 1904 помеѓу Велика Британија и Франција, како влог во подобрувањето на меѓусебните односи. Со нив бил ставен крај на речиси илјада години стариот конфликт, и биле озаконети промените кои настанале по Наполеонските војни од 1815.
Но пред овој формален чин, во јули 1903, францускиот претседател Емил Лубе добил на подарок сандак изработен од компанијата Голдсмитс и Силверсмитс од Лондон, кој содржел свиток во кој се славело пријателството помеѓу двете земји. Денес проценет на 750.000 евра, тој бил пронајден и откупен од уметникот Мишел Бекер, кој пак сега го нуди како награда за оној кој ќе ги реши загатките во новата книга, „Златното богатство на Антант Кордијал“.
Денес, четврток 8.4, излегуваат нејзината француска и англиска верзија, кои содржат различни назнаки за пристигнување до две локации. Секоја книга содржи вкупно 9 загатки, таен текст скриен во придружна приказна, како и код содржан во илустрација. Откако ќе бидат решени сите загатки, читателите ќе знаат каде се скриени два кристални клуча, еден во Англија, друг во Франција.
За повеќето од нив се доволни само хартија и пенкало. Но за други е потребно и истражување, интернет и книги. Вредното сандаче ќе може да му припадне само на оној кој навистина ќе се потруди да ги разреши. Но конечното откривање на неговата локација зависи од играчи и на француската и на британската страна, кои на некој начин преку својата соработка ќе направат нов договор. Секако, можно е и еден читател кој добро ги владее двата јазика да ги најде обата кристални клучеви, а се поттикнува и правење мешани британско-француски тимови кои би се натпреварувале меѓу себе.
Книгата содржи и историја на Договорот од 1904 од историчарот Стивен Кларк. Тој, како и авторот на книгата, признаваат дека договорот главно се однесува на поделбата на власта на две колонијални сили („ќе ви го дадеме Мароко ама тргнете се од Египет“), и дека е потребен нов текст, кој едноставно ќе потврди дека Британците и Французите се соседи и сојузници. Ова е начин тоа да се постигне низ игра.