Роберт Норман Рос, попознат како Боб, е уметник, учител по сликање и ТВ водител на серијата „Радоста на сликањето“ која се прикажувала од 1983-1994, но која стана уште попопуларна во ерата на интернет и по неговата смрт во 1995, на само 52 години.
Во секоја од епизодите Рос ги подучува гледачите на навидум едноставни техники на сликање „мокро врз мокро“. Коментирајќи го процесот, тој нанесува слоеви боја едно врз друго, директно на платно без скица, на тој начин создавајќи дело во живо. Не ни е познато дали некој без претходна подготовка успеал да научи слика само од гледање на овие видеа, но знаеме многумина кои ги обожаваат само поради смирувачкиот глас на Рос. Не е ни чудо што денес е нарекуван и татко на жанрот „АСМР“ видеа (на оваа тема види претходно тука).
Рос вообичаено сликал три верзии од речиси секоја слика која се појавувала на шоуто. Првата била правена пред снимањето и стоела на штафелајот во текот на процесот, како референца за втората копија. Трета ја правел по снимањето, таа била подетална и служела за да биде вклучена во неговите прирачници. Се претпоставува дека нивниот број (бројот на слики произведени во текот на неговата 11-годишна кариера како водител на шоуто) надминал 1000. Но оние кои денес сакаат да си купат слика од Боб Рос, никако не успеваат да стигнат до некоја од нив. Кичестите пејзажи како да испариле.
Во следново видео објавено на сајтот на Њујорк Тајмс се разрешува мистеријата - сликите се во седиштето на компанијата Боб Рос, под будното око на неговата бизнис партнерка Анет Ковалски. За жал, на сегашните сопственици на компанијата не им паѓа на памет да ги отуѓат. „Никогаш не сме размислувале затоа. А и не е баш нешто што би го сакал Боб“, велат тие.