Новиот музеј на италијанскиот јазик ќе биде отворен во 2021, седум века по смртта на Данте, во крило на комплексот Санта Марија Новела во Фиренца. Според првичните планови тој требало да се отвори на 25 март, за „Дантеди“ - годишната прослава на „таткото“ на италијанскиот јазик, но проектот е одложен поради пандемијата.
Освен што ќе ја следи историјата и еволуцијата на италијанскиот јазик, тој ќе содржи поставки посветени на големите писатели како Бокачо, Петрарка и Макијавели. Во него ќе има простории за истражување, а со помош на дигиталните алатки ќе биде можно да се следи развојот на италијанскиот јазик од тн. свитоци од Капуа (960-та година) до оној кој се користи денес на социјалните мрежи. Предвид ќе бидат земени и дијалектите и урбаниот сленг, како и терминологијата поврзана со значајни аспекти на италијанската култура, на пример со кулинарството. Поставката е поделена на три ката, древен италијански (романски јазик со потекло од латинскиот), модерен и современ италијански.
Во светот постојат повеќе вакви специјализирани музеи, од Музејот на португалскиот јазик во Сао Пауло, Бразил, преку Петефи-музејот на унгарскиот јазик во Шаторалухеи (северна Унгарија), до оној посветен на есперантото во Виена.