На сајтовите каде што се продава (на еден од нив 69 евра за 250 грама) е опишан како „мазен богат кремаст мед кој нагорчува“. Се потенцираат неговите медицински својства - олеснување на стрес, висок притисок, импотенција, мигрени и вознемиреност. Максимално дозволеното количество е една кафена лажичка (разматена во чај или варено млеко), затоа што сè над тоа може да предизвика еуфорија, вртоглавици, грчеви, аритмија, а во ретки случаи и смрт.
По што е овој мед посебен во однос на сите други? Селаните од планинскиот црноморски регион во Турција го прават со векови, и тоа како и секој друг мед. Но, тајната е во тоа што пчелите се хранат со билката Рододендрон Понтикум, позната по тоа што содржи моќен невротоксин наречен грајанотоксин, и што како таков расте само тука и во Непал, во подножјето на Хималаите. Доколку пчелите доволно се нахранат од овој нектар, густиот црвен мед кој ќе го произведат ќе има остар мирис и горчлив вкус, а за луѓето кои ќе го вкусат, својства на „аперче“.
Историјата вели дека кога некој римски генерал ја гонел армијата на Митријад Шести во 97 п.н.е., на вториов, грчко-персиски крал, му текнало да постави садови со „луд мед“ по патот на Римјаните кои бргу напредувале. Три чети војници налетале на нив, си мацнале од медот, и почнале да трипаат. Трупите на Митријад се вратиле на местото, ги затекнале непријателските војници во делириум, и ги испотепале.
Во 18 век Европејците го нарекле miel fou (луд мед), и го увезувале од Османлиите како дополнување на пивото. Современи верзии на истиот мед во западната популарна култура се појавуваат во цртаниот „Футурама“ на Мат Гронинг и филмот од 2009 за Шерлок Холмс.
„Лудиот мед“ и денес се произведува во мали количества од пчеларите на планините над Црно море. Со оглед на тоа што производството е прилично тешко (репортажа во Гардијан вклучува и борба со мечка), и не секоја година го постигнува саканиот состав, само мал дел од медот произведен во спомнатиот регион може да си го оправда името, а најдобриот се продава и по 300 евра за кило. Секако, има и куп „лажњаци“, кои тврдат дека станува збор за оригиналниот лек, кој звучи како на сите да ни треба.