„Црева: инсајдерската приказна за нашиот најпотценет орган" (Gut: The Inside Story of Our Bоdy's Most Under-rated Organ) е втора книга на Џулија Ендерс посветена на процесите во нашите тела, кои во јавниот дискурс се спомнуваат само како навреди и метафори за нешто валкано и срамно. Првата, „Шармантни утроби", само во Германија, кадешто беше првично објавена во 2014, се продаде во 200,000 копии и долго време се наоѓаше на листата на бестселери. Храбрата теорија на 24-годишната докторантка на Универзитетот Гете во Франкфурт е дека здравјето на внатрешните органи има поголемо влијание врз нашата благосостојба, мотивација, меморија, па дури и врз нашето чувство за морал, отколку нашата ДНК.
Нејзината нова книга, којашто ќе излезе за неколку дена, е продолжение на ваквиот „цревен манифест". На прилично живописен начин Ендерс го опишува начинот на којшто повеќето од нас одат по голема нужда, и притоа нè опоменува - дека тоа го правиме погрешно. Според неа, седејќи на ВЦ шољата ние го прекинуваме природниот тек на изметот, како кога виткате црево за полевање, создавајќи подлога за различни дигестивни проблеми и хемороиди. Советот е - клечење место седење, и без книги и весници во тоалетот.
Но вистинската опсесија на Ендерс не е одењето во ВЦ, туку бактериите. Дигестивниот систем сочинува две третини од нашиот имун систем, и е полн со триста чуда, кои можат да тежат и до два килограми. Бактериите во него се борат против патогени, произведуваат хормони и можат да влијаат на нашето расположение. Оваа врска меѓу утробата и мозокот е релативно нова област во медицината, а ваквите книги, колку и да се напишани во популарен стил, сепак помагаат во отварањето на темата. Авторката почнала да се интересира за потенцијалната поврзаност помеѓу психијатриските и дигестивните пореметувања кога на некоја забава запознала човек „чијшто здив смрдел на измет“, којшто следниот ден се самоубил. Сепак, и таа признава дека истражувањата на оваа тема се во зародиш, со оглед на тоа што првите студии за врската помеѓу стомачните бактерии и мозокот почнаа да се прават пред само две години.
Патем, ова е авторката на книгата: