Пред неколку години индонезиската уметница стана славна кога на јутјуб се појави клип во кој на високи, црвени штикли и во краток фустан игра традиционален индонезински танц застаната врз 20 парчиња путер, на звуците на „Некој како тебе“ на Адел.
Видеото имаше над 1 милиони прегледи и над 2000 коментари. Со тоа Сурјодармо, која денес има 48 години, стана најпознатата перформанс уметница која доаѓа од Индонезија, каде ваквиот тип уметност е релативно непознат. Во 1980-тите постоеле групи кои го користеле експерименталниот театар како средство за протест против авторитарниот лидер Сухарто. Но од тогаш ваквите настани се ретки. Токму затоа Сурјодармо го промовира овој медиум, меѓу другото одржувајќи годишни работилници во родниот град Соло, мало место во централна Јава, спонзорирана од приватни донатори.
Студирала на универзитетот Брауншвајг во Германија, каде слушала предавања и од Абрамовиќ. Подоцна работи како нејзина асистентка и настапува со неа и група студенти на Венецијанското биенале во 2003. Денес го шета светот со своите перформанси, кои вклучуваат петчасовен престој во стаклена кутија со живи зајaци („Перцепции на шеми во безвременското влијание“), нејзино згмечување помеѓу 18 креветски душеци („Дијалог со мојот тиранин кој не спие“), како и 12 часа кршење брикети од јаглен до онесвестување. За настапот со путерот таа вели дека ги отсликува нејзините чувства на отуѓеност кога се преселила во Германија, кога за прв пат пробала путер.
Најновиот проект со кого настапи на Сингапурската уметничка недела на крајот на јануари се вика „Трансакција на празнини“ и се состои од стрелање 800 стрели со традиционален јавански лак. Просторијата, облеката и лакот се бели и треба да симболизираат медитативен простор. Но ако стрелите се мисли, тие се испуштаат спонтано, во изолација и без погодување на конкретна мета. На крај од перформансот којшто трае неколку часа, ѕидовите се целосно покриени со стрели, како на тоа место да се одвивала вистинска битка, иако не се знае ни кој е победник, ни кој е победениот.