Игра која те тера да пишуваш проза и поезија

Три портали се отворени како влезови во непознати светови. Земјаните имаат испратено тимови да ги истражат, но по некаква несреќа ти си единствениот преживеан. Мисијата сепак останува иста: да се опстане, и да се раскаже.

„Елегија за еден мртов свет“ е така направена што дури и оние кои немаат никакво претходно искуство со пишување можат да почнат да го прават тоа, на тој начин создавајќи реалност која за секој играч е различна. Световите се базирани на британската романтичарска поезија - онаа на Шели, Бајрон и Китс, која станува основа за визуелниот и музичкиот дизајн на играта, но ја одредува и целата атмосфера.

„Имаме тројца славни поети, и кај секој од нив има трогателни песни за крајот на светот и крајот на времето. Тие го отсликуваат местото на човекот на Земјата, и го даваат тонот и на она што го пишуваат играчите додека минуваат низ процесот" - изјавил Зиба Скот, еден од креаторите.

Играчите се соочени со 27 пишувачки предизвици, а меѓу нив задача да се напише краток расказ за последните денови на некој човек, песна за повторно раѓање или песна за војната. Во еден предизвик може да бидете археолог кој открива траги од живот на некоја од планетите, во друга може да сте крадец. На повисоките нивоа добивате нови информации во текот на приказната, што фрла нова светлина на настаните и ве тера да ги објасните или оправдате вашите минати чекори. Доколку ви е потребно, играта ви нуди и некој вид наративни шеми, но нив можете и целосно да ги исклучите, и да се препуштите на сопствената креативност.

Играта се рекламира како соодветна за надминување на писателската блокада, добра вежба за ученици и студенти по креативно пишување, или просто за забавно и исполнето минато време.

Еве како изгледа доколку сакате да ја пробате: