L'Academie Française е врвна државна институција која се занимава со заштита на францускиот јазик. Воспоставена во 1635 од кардиналот Ришелје, таа се состои од четириесет доживотно избрани членови, што значи дека за да се одбере нов „бесмртен", некој треба да - умре.
Иако нивните изјави се само од советодавен тип, тие од конзервативните струи се земаат прилично сериозно, особено кога се напишани за да звучат како апокалиптични предупредувања. Неодамна Академијата издаде едно такво соопштение по повод сè почестата употреба на ASAP (Аs soon as possible) во францускиот.
„Оваа кратенка изгледа како да ги акумулира најголемиот број дефекти на еден јазик кој го затскрива својот презир и заканувачки карактер, преоблечен во модерно ѓубре", се вели во него. Сугестијата е наместо неа да се користи изразот dès que possible.
Истовремено, Академијата се изјасни и против „чудниот глагол scorer" (погоди, постигнува поен), кој е англицизам од to score, и го претпочита глаголот marquer, кој „иако во францускиот постои од крајот на 19. век, за жал премногу ретко се користи".
Во претходни соопштенија Академијата истапила и против flyer (флаер, леток, наместо тоа предлагајќи feuille volante, или летечки лист), digital (кој во францускиот означува нешто што е поврзано со прстите, а наместо тоа се предлага numerique) и cash, уште еден англицизам за кој Академијата вели дека „несреќно се шири" - наместо муштериите да payer cash, таа предлага тие да payer comptant.