„Фејк офф" е натпреварувачка емисија, во која учесниците треба да покажат способности во повеќе уметнички области и вештини - од танцување, акробатика, кукларство, до технологија. Се прикажува на извесна TruTV, на која одат и други мали бизарни реални шоу емисии. Но она по што „Фејк офф" се издвојува од нив е начинот на кој еден производ на поп културата (тв емисија) толкува други производи на поп културата. Во првите три епизоди, колку што се прикажани до сега, различните точки се градат врз постоечки културолошки референци, на пример „видео игри", „Титаник", па дури и самата реална телевизија. Секоја трупа - шоуто почнува со десет од нив - добива различна тема, а потоа смислува некој вид театарска претстава. Има тројца судии, помеѓу кои и кореографот одговорен за отварањето на Олимпијадата во Сочи.
Можеби тоа е и најточниот опис на перформансите, дека тоа се мини-скечеви какви што гледаме на отварањето на такви големи настани како Олимпијадата, кои низ елаборирана кореографија и костимографија треба за кратко време да раскажат некаква приказна. Истовремено, тоа е начин сите тие акробати, актери и танчари да се промовираат, со тоа што ќе се појават на телевизија.
Иако никој точно не може да објасни што се подразбира под терминот „фејкинг" во контекст на ова шоу, едно е јасно - се работи за култура на ремикс која ја заматува линијата помеѓу оригиналот, дериватот и „инспирираното од". Емисијата исто така е и доказ дека одредени уметнички форми можат да изумрат ако не смислат начин како да еволуираат и да се прилагодат на телевизијата.
Погледнето го ова клипче од шоуто, и ќе ви стане јасно