„Замислете дека упаѓате во светот на Круната и Даунтаун Eјби со другарите, и врескајќи ги вашите песни го истурате гневот на сето она што тие го претставуваат. Тоа е момент на детонација за британска улична култура, каде обичните млади луѓе ја завземаат сцената - потоа сите мораат да ги слушаат и да ги гледаат, при што некои се плашат од нив, а други ги следат“.
Вака ја опишува Дени Бојл („Трејнспотинг“, „Милионерот од предградието“, „Стив Џобс“) појавата на Секс пистолс во средината на 1970-тите - момент кој ja промени британската, но и светската култура.
Бојл ќе режира серија за бендот базирана на мемоарот „Осамено момче“ на гитаристот Стив Џонс од 2018. Таа најпрвин ќе се појави на американската мрежа Еф-икс, која е во партнерство со Би-би-си. Снимањето почнува на 7 март.
Помеѓу актерите се најавува Mejси Вилијамс (Ајра Старк од „Игра на троновите“) која ќе ја игра панк иконата Џордан Муни, a која и самата издаде мемоар во 2019 под наслов „Спротивставувајќи и се на гравитацијата“ (инаку денес е ветеринарна медицинска сестра). Актерот Тоби Валас (од новиот австралиски филм „Бебешки заби“) ќе го игра Стив Џонс. А Џони Ротен ќе го игра актерот Ансон Бун.
Во претходни осврти за мемоарот на Џонс, тој е опишан како „забавен до солзи“, иако и со голем број трауматични места, во кои тој зборува за тоа дека бил запоставуван од мајка си, и дека бил жртва на сексуално малтретирање.
Последна серија за телевизија на Бојл беше „Доверба“ (2018) за грабнувањето на богаташот Џон Пол Гети Третиот.