Успехот на албумот „Американска утопија“ на Брн, кој излезе во 2018, беше огромен. Шоуто поврзано со неговата промоција долго време играше на Бродвеј, а повторно ќе биде поставено на есен. Имавме и репортажа од наш човек од неговиот концерт во Бостон. Сега Брн пишува и книга под истиот наслов, чие излегување (здравје...) се планира за 8 септември, во издание на Блумсбери.
Брн има и претходни книги од кои најпознати се „Како функционира музиката“ и „Велосипедски дневници“ (Букбокс осврт за неа тука). Најновата ќе се обиде да ја преслика енергичноста на албумот и на шоуто, кое според илустраторката Мајра Калман „е потсетник да се игра, пее и да не се губи ниту еден момент“. И тоа не е сè. За сите оние кои немаа среќа да ја видат „Американска утопија“ на турнеја, Брн соработува со Спајк Ли на концертен филм.
Изгледа дека на сите добро би ни дошол малку брновски ентузијазам. Иако и тој сега е исправен пред голем предизвик - да најде вести за своето списание „Причини да се биде весел“.
А сега нешто што може да биде најкорисно за периодов: Слабејте со „Токинг хедс“