Границите на уметноста, и на разумот

Дали би убиле јагне со еден клик?

Уметност. Таа магична, мистична практика, која ви дозволува да правите сè во нејзино име. Пред публика може да се застрелате, да мастурбирате, да се пукнете со хероин. Сè може да мине.

 

Двајца студенти по уметност на Берлинскиот Универзитет одлучиле да ги тестираат етичките и естетски граници на перформансот, но и на интернет како медиум. Имаат направено гилотина, и велат дека ќе ја употребат да убијат живо јагне, доколку интернет им каже да го сторат тоа. На нивниот сајт DieGuillotine засега има само видео од гилотина која паѓа, без јагнето, и анкета - дали сте за или против егзегуцијата на животното. Разликата помеѓу двете опции е зачудувачки тенка, во моментов околу 600,000 против наспроти 480,000 за. За гласање има уште 19 дена.

Универзитетот се дистанцираше од проектот, велејќи дека студентите секако не планираат да го убијат јагнето, дури и ако бројот на „да" преовлада. Портпорол на здружението за етички третман на животните ПЕТА, пак, ја дал следнава изјава:

„Дури и студентите да мамат, нивниот 'перформанс' воопшто не е уметнички, туку е обид за публицитет, за кои веројатно не сфаќаат дека може да инспирира други божемни уметници во истата смисла. Единствената позитивна страна е што ова ќе поттикне дебата во врска со убивањето животни, она кое се одвива вон погледот и надвор од чинијата."

Секако, ова не е прв пат под плаштот на уметноста да се вршат грозни чинови, кои често вклучувале сомнителен третман на животни, а богами и на луѓе. Сепак, ова е прв пат еден проект да ја додели одговорноста за исходот на интернет. Страв ни е и да помислиме на истиот тој исход кога оној кој би требало да се жртвува не би било невино јагне, туку човек. Тогаш гилотина можеби би било и најбезболното решение.

28 април 2012 - 21:57