Човекот заслужен за британската панк естетика на 1970-тите

Завчера, 8.8., на 76-годишна возраст, почина Џејми Рид, уметникот чии дела придонесоа кон популарноста на панкот и сродните контракултурни движења, како и на неговите славни музички претставници, Секс пистолси.

Велат дека Џејми Рид имал визија за панкот уште пред неговиот подем. Неговата слика од 1972, „Чудовиште на убав покрив“ прикажува големо зелено суштество качено на нешто што изгледа како куќа од предградие, додека на небото почнуваат да надвиснуваат темни облаци. Во ретроспектива можеби тоа чудовиште било токму панкот?

Но неговото име најчесто се поврзува со една друга слика од 1977, која денес е општо место во историјата на поп културата. Тоа е корицата за синглот God Save the Queen на Пистолси на која е претставена кралицата Елизабета Втора. Очите ѝ се покриени со насловот на синглот во форма на исечени букви од весници (како од уценувачка порака), а устата со името на бендот. Таа стана симбол не само на британскиот панк, туку и на класната борба и револтот воопшто. 

За разлика од некои други уметници кои откако заработија на својот анархизам станаа по „меки“, Рид продолжи со протестните теми. Така, во 2012 го креираше постерот „Ослободете ги Пуси Рајот“, како поддршка на руските феминистки-панкерки, откако им беше изречена пресуда за „богохулно хулиганство“. На него е претставен Путин во црна балаклава со кармин.

Некролозите напишани во негова често го нарекуваат креатор на стилот на „уценувачките пораки“, иако колажните техники биле познати и пред него. На пример со нив се служеле дадаистите, меѓу кои пионерката на фотомонтажата и феминистичка икона, Германката Хана Хух (Hannah Höch). Но без оглед на ре-употребата на некои претходни стилови, конзервативните Британци токму во неговите слики го гледале коренот на злото наречено панк. А ако тој (панкот) навистина не е мртов, токму оваа естетика ќе придонесе тој и понатаму да живее. 

10 август 2023 - 15:22