Букер започнува клупски предизвик

Шест групи ќе бидат избрани да прочитаат книга од потесниот избор, а најоригиналните читатели ќе бидат поканети на церемонијата на доделувањето на престижната награда. 

Книжевни клубови од цела Британија се поканети да учествуваат во нововоспоставениот предизвик на Букер, за да освојат место на свечената маса на церемонијата на доделувањето.

Од пријавените ќе бидат одбрани шест книжевни клубови кои ќе добијат задача да прочитаат и да напишат свое мислење за една од книгите кои ќе влезат во финалето. Овогодинешното жири раководено од културниот историчар Нил МекГрегор својот избор на тоа кој клуб ќе учествува ќе го базира на „најинтересните, најстрасните и најсеопфатните групи читатели“. Победничката група пак ќе добие платено патување и влезница за забавата која ќе се одржи во галеријата Серпентин во Лондон во септември. 

Директорката на Фондацијата која стои зад наградата Букер изјавила дека иако е од суштинско значење мислењата на судиите да останат тајни, организацијата „секогаш сакала да ја сподели возбудата на изборот со генералната јавност“. Но зад ова веројатно стои потребата од рекламирање и промовирање на социјалните мрежи, нешто со што ваквите одамна воспоставени награди можеби немаат ни големо искуство, а ни голема желба да се занимаваат. На овој начин, преку постовите на шестте книжевни клубови, присуството на социјалните медиуми е загарантирано. 

Рокот за пријавување на клубови исклучиво од Британија е 12 август, а во своето мотивациско писмо тие треба да наведат што е она што ја прави нивната група посебна, и зошто би сакале да учествуваат. Првичниот список на конкуренти за Букер ќе биде објавен на 26 јули, а финалните шест книги ќе бидат најавени на 6 септември. Победникот ќе биде прогласен на 17 октомври. 

13 јули 2022 - 16:12