Во 2017 технолошка компанија од Индија, Патил Аутомејшн, вовела роботска рака која изведува „аарти“, обред во кој верникот му поддава маслена ламба на божеството како симбол на отстранување на мракот. Таа била претставена на религиозниот фестивал Ганпати, годишен собир на милиони луѓе на кој претстава на Ганеш, богот со глава на слон, со процесија се испраќа и се потопува во река во централна Индија.
Оттогаш овој робот има инспирирано неколку прототипи, кои продолжуваат да изведуваат обреди низ Индија, заедно со уште неколку верзии низ Источна и Јужна Азија. Минатиот месец храм во јужната индиска држава Керала замени слон со механички робот во реална големина на ова животно кој им помага на верниците да го истераат адетот без суровост кон животните. Роботот дури има и име - Иринџадапили Раман, а е направен од железна рамка со гумено полнење. 800 килограми тешкиот „слон“ е донација од индиско НВО со име „Народот за етички третман на животните“. Раман може да мафта со ушите и да ги придвижува очите и опашката, а на слика (горе) делува баш реално.
И покрај сите „логични“ објаснувања, ваквата употреба на вештачката интелигенција и роботичката технологија во контекст на религиозните практики е контроверзна. Дел од верниците и верските лица велат дека ова е нужно прилагодување на традиционално конзервативните верски институции на новите времиња, но други во истото гледаат богохулие и нарушување на обредноста.
Дали симнувањето телефонска апликација која рецитира мантри или врти бројаници е исто како и физичкото изведување на истите дејства? Дали ова значи дека наскоро верските храмови ќе се испразнат, бидејќи луѓето од дома ќе „палат кандила“ и ќе префрлаат пари за пред икона преку Пејпал?
Овие практични прашања не се единствените - се наметнуваат и подлабоки етички дилеми, во смисла на тоа дали делегирањето на верските обврски на машина значи дека човек се ослободува од сопствените, и дали роботот е всушност подобар верник затоа што за разлика од луѓето е духовно некорумпиран? Во кругот на луѓе кои создаваат роботи, роботи кои потоа стануваат богови и богови кои со тек на времето се развиваат до степен во кој стануваат луѓе, изгледа сме дојдени некаде при средината на патот.