„Уникатна мешавина на интрига, неизвесност и глобални драми кои се одвиваат зад завесите на најмоќните во светот“ - вака гласи описот на романот кој ќе произлезе од оваа неочекувана книжевна соработка.
Книгата на Клинтон и Патерсон ќе се појави во јуни 2018, и ќе содржи детали кои - како што изјавил издавачот Пингуин Рандом Хаус - „може да ги знае само еден претседател“. Тој пак изгледа дека освен што ќе биде дебело платен (во 2004 имаше гласини дека за мемоарите „Мојот живот“ му бил исплатен аванс од 16 милиони долари), изјавил дека потсетувањето на она што го знае за претседателската работа, животот во Белата куќа и начинот на кој функционира Вашингтон му било многу забавно, а соработката со писателот на кого му е долгогодишен фан ја опишува како „прекрасна“.
Клинтон и Патерсон се знаат десет години, и досега главно заедно играле голф. Идејата им паднала на памет откако заеднички адвокат им предложил да соработуваат. Иако детали околу содржината не се обелоденуваат, најверојатно во книгата се работи за киднапирање на американски претседател.
Што се однесува до Хилари, и таа е поврзана со вест за нов роман, но на малку поинаков начин. Авторката Кертис Ситенфелд потпишала договор за книга која е замислена верзија на животот на Хилари доколку ја одбиела понудата на Бил за брак. Оваа книга ќе излезе во 2019. Самата Хилари пак пишува сопствена збирка есеи која иако не е рекламирана како мемоар привлекува внимание заради делот во кој таа се очекува да го опише она низ што поминала во текот на претседателските избори. Инспирација за книгата се цитатите кои таа ги користела за да мине низ битките со политичките опоненти, медиумите и сексуалните скандали на мажот ѝ.