Сопственикот на хотелот, мистериозниот графити уметник и политички активист Банкси, вели дека од прозорците на вкупно десетте соби, низ кои минува сонце само 25 минути дневно, посетителите ќе ја сведочат најгрдата панорама на светот - еден долг и сив ѕид. Но тоа е и поентата на овој објект кој е истовремено музеј, галерија, протест и хотел спакувани во едно, со повеќе симболички пораки: да се пародизира индустријата на туризмот, да се актуелизира и коментира вечното израелско-палестинско прашање и да се понуди алтернативно хотелско искуство кое повеќе личи на учество во некаква театарска претстава.
Така, во луксузниот „претседателски“ апартман водата извира од чешма во форма на куршум, најевтините соби кои чинат 30 долари на ноќ се „украсени“ со часовници на кои има нацртано стаорци а се спие на војнички кревети, над масите во ресторанот е закачена инсталација со јагне како лежи покрај крволочен тигар, а собите се украсени со мурали со политички пораки.
„Ѕидовите во моментов се жешка тема, но јас се интересирав за нив уште пред Трамп да ги направи кул“, изјавил Банкси во соопштение за медиумите. Уметникот, кој е познат по тоа што со години успева да го скрие својот идентитет, прв пат го посетил Витлеем пред една деценија, оставајќи серија слики на ѕидот, кои станаа сами по себе туристичка дестинација.
Од тогаш туристичката економија на градот е замрена заради многу посилните израелски контроли на границата помеѓу оваа земја и палестинските територии, па новиот хотел се очекува дека ќе обезбеди пораст на посетите и работните места.
Хотелот официјално се отвара на 20 март, а резервации можат да се направат и онлајн. Особено се добредојдени Израелци, на кои додуша влезот во Витлеем им е забранет. Но дури и нивниот престој во хотелот да е формално нелегален, управникот ги кани за да се дружат заедно гледајќи во ѕидот, и подобро да се запознаат.
Банкси, како и секогаш е ироничен коментирајќи ги можните ризици: „Мојот сметководител беше загрижен дека на некои луѓе ќе им биде страв да патуваат на Западниот брег, но тогаш го потсетив дека за моето последно шоу тие мораа да поминат цел ден во британскиот Вестон на море“.