исповед 11

За Европа и датумот

Оти неприкосновеното право на малите земји на самоопределување, да си го бираат името по свое наоѓање, како и правата на националните малцинства да си го зборуваат сопствениот јазик и да си ја чуваат сопствената култура се остаток од мрачниот 20-век, застарена и надмината работа...

На сликата: Статуа на мирот и единството, Брисел, Белгија, ЕУ.

По сè изгледа, Mакедонија повторно нема да добие датум.  Па што? Ауф, ама се изненадив... не знам што ќе правам од шокираност. Чудо големо. Повеќе од 20 години Р Македонија прави сè да ја примат, ама постојано нешто ѝ фали.

Што ѝ фали? Многу работи. Ама и на земјите членки им фалат многу работи – па никому ништо. Македонија, таман и сè да направи како што ѝ се наложува – пак нема да ја примат – заради апсурдниот и дебилен спор со името наметнат од страна на Елиники Димократиа, лулката на европската култура (и перверзија). Европската Унија, која прими сè и сешто (Романија, Словачка и Бугарија на пример, кои кога беа примени не исполнуваа ни половина од критериумите што сега се бараат од МК) и која на секоја врата ги беси повелбите за човекови права, смета дека една Грција има право да ѝ го попречува правото на Македонија да си носи име какво што сака.

Колку за информација, во оваа постхристијанска, бизнис-трговска и искривоколчена Европа има земји-членки со шовинистички политики спрема малцинствата (Грција и Унгарија на пример), а во транзициска Македонија, меѓу другото, беа канонизирани влашкиот и ромскиот јазик. Колку радио или ТВ-станици имаат Ромите во Унгарија, и во каква графа се пишуваат Македонците и Турците и Албанците на грчки попис? А да избереме травестит за премиер, и геј-двојки за министри, по двајца на ресор, па можеби ќе бидеме поевропски тогаш? И да станеме прва кинки-држава на светот? Не знам дали ќе нè прифатат и така, ама на Евровизија ќе нè пофалат сигурно. Оти неприкосновеното право на малите земји на самоопределување, да си го бираат името по свое наоѓање, како и правата на националните малцинства да си го зборуваат сопствениот јазик и да си ја чуваат сопствената култура се остаток од мрачниот и темен 20-век, застарена и надмината работа во Европа и светот, и многу понебитен феномен од геј-парадите, впрочем.

По сè изгледа, Mакедонија повторно нема да добие датум. А и што ќе ѝ е? Eдно петокраче помалку. Голема работа.

 

__________________________________________________________________________________________

Чекај! А песна? -А, да. Пардон. Еве и песна:

О, Сердатолос

Пискотници се слушаат од Скопје на Вардар
што тешка несреќа ги збра
и мажите и жените та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла

Дал министер нова глупост беше треснал
ил споменик нов никнал на плоштад
дал паразитите предвреме начин беа нашле
да наплаќаат давачки нови без жал?

Ни министер нова глупост беше треснал
ни споменик нов никнал на плоштад
ни владата нови паразити беше нашла
да наплаќа давачки, луто и без жал

Та Европа, јуначка и славна,
одново ми пушти абер и глас
оти не ќе ги прими кај себе Македонците ни сега
и нека се снаоѓаат сами глава преку газ

-------------------------------------------------------------

 Имав едно мачорче, се викаше Зазо. Кога потпорасна, почна да се подразболува и да му текнува за мачки. Ветеринарите од “хуманост“ ми советуваа да го кастрирам, за да поживее и да му биде добро. Не сакав да го кастрирам, оти така веќе немаше да биде мачор, туку нешто друго. Него го снема... не знам дали сега е жив или див. И Македонија  изгледа може да ја примат во Европа само како кастрирана земја. За да преживее и да ѝ биде добро. Поздрав.

tihomirmail@yahoo.co.uk

23 мај 2013 - 09:57