КАРАВЕСТИ

Гутен таг. Денес е петок, 6-ти март... а петок е ден. Прочитав дека на офф. нет денес му е роденден. Рождество офнетово. Е, ај честито! 

Гутен таг. Денес е петок, 6-ти март... а петок е ден. Прочитав дека на офф. нет му е роденден. Рождество офнетово. Па да го одбележиме: Значи вака:  

1) Во Србија, на времето, ко ги бомбардираа така, сите викаа: Сви смо Слободан Милошевиќ. Во Франција неодамна: И јас сум Шарли! Кај нас треба: Сите сме името! (оти и името е човек). Mислам дека го кријат во еден супер чуван сеф со 5 ѕвезди во владата, ама за тоа не се збори... државна тајна. 

2) Зоран Ставревски, Зоран Заев, Зоран Техничка подДршка, Зоран Верушевски, Зоки Поки, Зоки Панкер... нема ли некој Александар во оваа Македонија? А?

Четири претседатели во независна и суверена (сусвршена) Македонија - Киро, Борис, Бранко, Ѓорге... нема Александар, нема ни Филип, ништо. А?

Премиери: Глигорие, Никола К., Бранко, Љубчо, Бранко, Владо, Хари, Никола Г... Добро, па каква античка традиција држиме? Камо барем Аминта, камо Пердика? На што личи ова? Најстари сме во Европа или канти тропаат? Што ќе кажат идните генерации? Резил! 

3) Фиат (Ф.Ц.) си го продал името во Италија и види го - полн е пари. Фиат браво. А Космос (Козмо) било грчко име па затоа го рушеле, од патриотизам. Што не се викала зградата Македонија? А? Кој би ја рушел Македонија? И на никој не му текнува, ц,ц,ц... Уште и бара отштета од 65 милиони евра. Ако ги добие во Стразбур, кој го рушел тој нека му плаќа... јас си немам ништо со тоа. Ни јас, ни народот на оваа мала, напатена земја која е „мој свет и единствена радост“. 

4) На трибината на ГДОМ во еден познат провинциски град, професорот на правниот факултет „Јустинијан Први", Александар Климовски, жестоко изјави:„До кога непотизмот ќе ни го разјадува општеството? Професори да се синови и ќерки на професори, лекари - ќерки и синови на лекари, политичари - деца и внуци на удбаши и кодоши? Професијата не е нива за да биде оставена во наследство. Стоп за непатриотскиот непотизам кој нe' уништува!"
Освен тоа, професорот А. Климовски категорично ги демантирал озборувањата дека е во какво било сродство со својот татко, проф. Саво Климовски.

5) Читам денес: Виена да ти била град број 1 по квалитет на живеење во светот. Нумеро уно? Виена Остерајх? Од цел свет? Истиот град веројатно е прв во светот и по бројот на пронајдени засмрдени мртовци од страна на комшиите две недели по смртта... ама тоа сигурно не било во критериумите за квалитет на животот. Тоа е за квалитет на умирање. Инаку, Виена е најмртвиот град во кој некогаш сум бил. Само музеите и' вредат... и Донау Инзел... и чакмаците имко триплекс... (може и операта, ама не сум многу по оперите... па не знам... баш). 

caкmak imco triplex, one and only, ненадминат... сува лепота.

6) Висок претставник на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во посета на Телевизија СИТЕЛ. Уредниците на ТВ дневникот на оваа наша реномирана ТВ куќа добиле понуда да им држат обука на вработените новинари во информативната редакција на државната телевизија на С. Кореја. Мислевме дека сме напред, но тоа било илузија. Дури сега гледаме колку заостануваме зад високите стандарди на објективното информирање што ги спроведува вашата телевизија. Од вас можеме да нaучиме навистина многу - изјави високиот претставник. Народот и ЦК на КП на С. Кореја со нетрпение ве очекуваат, ќе ни помогнете да ги замолкнеме сите оние што не и' мислат добро на нашата татковина - соопшти високиот гостин на крајот на своето излагање. 

Утре е сабота, а во недела е осми март. Учителките ќе добијат цвеќе уште денес, зашто во недела нема школо. Ќе фрчат феминистички статуси по фб. Сепак, една е мајка. Освен тоа, жените се наши сестри, баби, прабаби, другарки, братучетки, сопруги, ќерки... и вечен извор на инспирација, нервоза, вознес и стрес. Фала што читавте, до следната прилика, фидерзен. 

tihomirmail@yahoo.co.uk

6 март 2015 - 15:06