Нема само Скопје 2014, има и Бразил 2014. Второво почнува денес и ќе трае месец дена... Светското првенство во фудбал, или како што би рекле постарите коментатори на МРТВ, „најважната споредна работа на светот.“ И мене сега ми е споредна, да не кажам небитна, ама на времето гледав доста фудбал. Кога викам „на времето“, мислам одамна. Првото првенство кое го изгледав од почеток до крај ми беше Аргентина 1978, па вие видете. Тогаш големи играчишта беа Јохан Кранкл од Австрија, Теофило Кубиљас од Перу, д-р Сократес од Бразил... Во финалето играа Холандија и Аргентина, и Аргентинците победија на продолженија. За Холандија играа Рене ван дер Керкоф и Вили ван дер Керкоф, Јохан Кројф, Џони Реп... а за Аргентина - меѓу другите - Марио Кемпес и Пасарела. Тренер им беше Луис Цезар Меноти. Тогаш бев дете и фудбалот ми значеше многу. Собирав сликици, а гледам и сега многу деца собираат, па тоа е една од ретките работи што опстанаа од моето до нивното време. Ама ние игравме и на тапка, а овие сега не - веројатно не ни знаат што е тоа „на тапка“.
Во Шпанија 1982 прваци беа Италија, а една од најдобрите утакмици што сум ги гледал беше полуфиналето, Италија - Бразил 3:2. Паоло Роси им даде три гола на Бразил... хаос. Бранеше Дино Ѕоф. За Бразил играа Зико, Фалкао, Едер, докторот... Во финалето Италијанците ја средија Германија, а нивниот тогашен премиер, Сандро Пертини, чукаше со лулето во една шипка... од среќа. Инаку, за Германија тогаш играше Паул Брајтнер и носеше брада.
1986 во Мексико, јас бев војник а финалето го гледавме во кантина... Аргентина - Германија, и Аргентина победи. Марадона играше незаборавно на тоа првенство, исто и Хорхе Валдано, а за Германија играа Карл Хајнц Румениге и Франц Бекенбауер.
Од 1986 наваму послабо следев, ама обавезно ги гледав африканските репрезентации, оти имаше многу типчиња со чудни и чудесни имиња. За Камерун тогаш играа Рашид Јекини, Маканаки, Нконо и МФеде. Според нив, пријателот Микиќ (Александар, глумецот сега) си ги нарече мачињата Нконо и Мфеде иако не беше многу по фудбалот, а по мачињата да... 1990-та прваци беа Дојчланд, со гол на Андреас Бреме од пенал, а 1994 Бразил, со Бебето и Ромарио и Дунга и Бранко (да бе, така се викаше, Бранко... а од Бразил?) .
И да не давам многу, од првенставата што беа подоцна ги помнам: Аугустин Окоча, Селестин Бабајаро и Тијани Бабангида (Тијани? Може бил Србин по баба?), Даниел Aмокачи... сите од Нигерија... како и Папа Буба Диоп и Ел Хаџи Диоп (или беше Диуф?) од Сенегал... и Роџер Мила и Финиди Џорџ од Камерун и други. Последниве десетина години не сум многу по фудбалот.
Како и да е, се очекуваат гужви по кладилниците и насекаде низ градот, особено кога ќе почне фазата на елиминации. Сите кафанчиња и крчми ќе набават плазма телевизори за фудбалот да е достапен секаде и секому. И да не сакаш, пак ќе знаеш кој победува, кој губи, кој зезнал работа... кој судија треба да го стрелаат... и така. Светското првенство во фудбал, во поглед на популарноста, е на исто рамниште, ако не и на повисоко од она на Олимписките Игри. Во глобализираниов ни свет, тие стојат високо на пантеонот на глобалната ни забава (наречена уште и ентертејнмент) и тоа е така. Леб и игри... стар рецепт - забава за народ. Вечерва на отворањето играат Бразил - Хрватска... Наша Македонија уште не се пласирала на некое светско во фудбал, па ако ништо друго, кај нас ќе има помалку инфаркти отколку во земјите чиишто селекции се натпреваруваат летово во Бразил. Инфаркт може да ги стрефи евентуално оние што се кладат на поголеми суми во спортските обLожувалници. Поздрав!