Се отвори Земјата, се промеша, можеби си ги растегна нозете, може си ги крцна рацете. Можда имала кошмар. Длабоко во ноќта кога легнуваш без да помислиш дека утре, сè нема да е веќе исто, Земјата реши дека не и ништо важно освен да си направи мал стречинг. Доле накај Рим, дома кај мене, дома кај Италијаните и дома кај еден куп луѓе кои дом веќе немаат.
Како по секоја непогода, првите денови се хистерични. Нема филтри на информација, нема прав доток, читаме, примаме информации; можеби, најверојатно, многу и прилично.
Фаза прва:
За греота сите настрадани пу-пу-скраја-да-е.
Од сабајле гледаш, бдееш во екран и викаш: "Глеј каква несреќа, загреота што ги снајде". После се информираш што кажуваат геолозите, дали ќе се дрма Земјата пак ил не, дали има шанси и до тебе да дојде. Се информираш дали сите кои ги познаваш и кои познаваат некого во тие краишта се во ред. Инфо, по дифолт, да си напраиш муабет.
Фаза втора:
Газовите ни се на сигурно, покрив над глава имаме. Сепак Лацио и Абруцо се сеизмички подрачја.
И после поминуваат ден, два три. Се бројат луѓето умрени, ранети, излагаат топ новинарски распарајсрце приказни, како цела катастрофа да е малку.
Како во Париз, како во Ница како во некоја авионска несреќа, ќоро не хранат со приказни кои се чинат епокални коинциндеции. Милиони приказни кои не би биле приказни ако не биле несреќно завршени: кој останал ден плус на одмор, кој се разболел па го одложил патот за утредента, кој отишол да ја изненади девојка му, кој се разбудил да пие вода, па останал закопан… изгледа како судбината така да смислила и да сковала заговор.
И не знаеш дали е судбина, дали е коинциденција, дали едноставно 'така е'. Зашто веќе не можеш ни да замислиш како е поинаку. А вака човечки, си мислиш и за миг се ставаш на местото на настраданите. Дали тие се хранат со Божја воља, со судбински конци или нема да престанат да се каат. Не можат ли да си простат некоја навидум обична работа, како на пример дека не станале навреме или не стигнале доволно брзо? Како изгледа моментот кога една минута не можеш да си ја простиш? Една безначајно мала. Гнида од минута. Како е кога едни шеесет секунди ќе ти го скршат цел свет?
Почнуваат да се отвараат сметки, се носат пелени, тоалетна хартија, влошки и шампони. Фризери одат да шишаат луѓе гратис, бербери да ги бричат без пари. Сите се солидарни првата недела. Се тепаат да кажат кој што ќе направи, кој колку ќе даде и како ќе донира.
Фаза три:
Владата ќе провери кој е крив и дали куќите паднале зашто не се почитувани градежните стандарди. Владата ќе провери кој е крив и ќе ги осигура настраданите, дека кој и да е крив, ќе плати. Владата ќе провери и ќе ги осигура граѓаните дека нема да дозволи новите градежни проекти да бидат предмет на корупција, перење пари и лични интереси. А вака човечки, си мислиш и за миг се ставаш на местото на настраданите. Дали ним им е важно кој е крив? И дали некој со сигурност ќе може да каже дека немало да биде тоа што било ако било изградено како што не било. Не сум експерт во материјава и не ми личи да зборам. Не знам, вака човечки, кога наеднаш немаш сè што си имал, колку овој муабет ќе ти биде важен.
Фаза четири:
За греота нашиве спијат во шатори, а eмигрантине во хотели.
Да мериме кој е позагреота и кој има право. А вака човечки, си мислиш и за миг се ставаш на местото на настраданите. Дали се и тие така лути, накурчени, дали и тие сакаат некаква правда? Дали додека неписменo креваме прашина за да ја посолиме манџата во првите денови, помислуваме дека тие луѓе, тој бројот што ни го раскажуваат, се луѓе кои изгубиле сè. Многу од нив треба да ги идентификуваат роднините, треба некого да откопаат и да го закопаат, треба допрва треба да разберат што им се случило. Некои се загрижени за животните, за стоката и за кокошките. Таа околу Аматриче е земјоделска и туристичка зона. За нив Букатини aлл’aматричана не е само специјалитет, туку идентитет, за нив овчиот солен кашкавал е леб и алтер его.
Како е да чекориш низ урнатините на твојот дом и да се обидеш да извадиш нешто. Документи, накит, некоја фотографија, да провериш дали има нешто, било што, од тебе останато.
Како изгледа да си го копаш идентитетот во сенка на еден пожарникар? Знаеме ли?
Фаза пет:
Сè се стишува, сè почнува да тече по мирен тек кај нас нормалните. А вака човечки, но сепак од далеку, на дистанца, пошто сè ова се случува на некое друго место, си мислиш од време на време и за миг се ставаш на местото на настраданите.
Сите губиме нешто по пат. Работа, брак, стан, сопруг, дедо, комшија, најдобар пријател, гуру, идентитет.
Ама да изгубиш фамилија, дете, комшии, куќа, дом, маалo, населба и сам себе, тоа е гола несреќа на оној кој преживеал природна непогода. И само тој може да разбере. Кој видел дожд од цигли, кој знае каков звук има ураганот кога завива, кој се пливал во поплава. Само тој.
После десет дена останува зад нас целиот медиа-хаос. Сè изгледа како да се случило одамна и некаде далеку.
А за да можеме ние обичните луѓе да се потсетуваме дека секој ден е подеднакво ранлив и дека никој од нас не е исклучок, да си ставиме ПРАШАЛНИК во форма на потсетник на смартфонот после будилникот или да го наштелуваме како песничка додека миеме заби. И на почетокот на денот, секој ден да си се запрашаме:
што би останало од нас кога веќе не би имале ништо? Што тогаш ќе биде вистински важно?
Емили, Италија