Последниот викенд на мај е прекрасен. Полн со мириси и со топлина, но пред сè, полн со вино. Дваесетти пати по ред, илјадници производители на вино ги отвораат вратите на своите куќи под логото "Гледај што пиеш", за да ни овозможат да видиме, да почувствуваме, да мириснеме и на крајот да се опиеме. "Кантине аперте" организирана од "Туристичкото движење на виното" секоја година зема сè повеќе замав и на 26 и 27 мај годинава ќе ја опие цела Италија. И мене сигурно.
Од планинските предели на Алто Адиџе, до врвот на штиклата, до Пуља, од Сардинија до Тремитите, Италија е земја каде што задоволството си го нашло домот и кој знае да се удави во него, тука си нашол лулка. Не сум експерт, само страствен љубител на вино, па ако се погодите низ Италијава, еве мала винска мапа.
На север вината се зезнати жени: миризливи, неверни и малициозни. Траминец, Теролдего, Пинот Ноар. Изгледаат лесно ама не се за количинско пиење. Само за вкусување, не за претерување. Ломбардија.
Ако сте во близина на Бреша, Франчакорта. Произведено по францускиот метод за шампањ. Суво и пенливо. Прекрасно, за претерување.
Венето, Венеција и околијата: Амароне. Топло, меко, со маркентен вкус на капини и малини.
Ах, Тоскана, немојте за Тоскана. Иако не сте по аккохолот, Тоскана е прекрасно место за гледање, за одмор, за трошење пари, за дишење Италија. Тоскана е Италија што од секогаш сте ја замислувале. Зелена, ридеста, со огромни вински плантажи , со прекрасна храна, селски туризам, мирис на камин, филмски пејсажи, средновековни селца, со градови како Фиренца, Ливорно, Сиена, Тоскана е регионот на виното и на земските задоволства par excellance. Ова е срцето на Тоскана: Болгери. Најдобрите вина на светско ниво. Суви, хармонични, рубин боја. Заводливи. Многу многу опасни: Сасикаја, Орнелаја и Солаја.
Тоскана е земјата на омиленото вино на Микеланџело: Вернача од Сан Џемињано. Штета што денес Микеланџело не е жив за да види колку винската култура ги преминала сите граници, ама легендите и сите проучувачи на вино го пренесуваат описот со кој се служи за да си каже колку добро му легнува ова вино, денес, прилично непознато. "Ме бакнува, ме лиже, ме грицка, ме штипка, ме боцка", да не помислите дека го утнав насловот.
Ако одите во Рим, пивнете си едно ледено Настро Аѕуро. Баталете ги вината од Лацио. Добри се само за чистење под. Не знам како беше онаа нашана "јужније тужније"...ама вината од италијанскиот југ се потврда. Имаат една карактеристика што ги прави специајлни: им се свиѓаат само на јужњаците. Со исклучок на некое вино од наполетанската област и се разбира од Сицилија, останатите се тешки за варење, алкохолни, од оние што те удираат во глава и од кои те боли глава. Не љубам јужни вина, останувам во Тоскана.
Еднаш еден сељак, додека јас си пиев пиво од шише, ми се приближи и ми рече: " Прави госпоѓи не пијат пиво, зашто не си земеш една чаша шампањ?".
"Извини, се знаеме?
Ако пивото е мерка за мадамштилук, тогаш не сум ти јас права госпоѓа. Јас пијам и преку ден и навечер, од секакви причини. Заразена од она прекрасно чувство, обично на втора или трета чаша (флаша) кога сите муслкули се опуштаат, мравки го лазат грбот од задоволство, времето станува побавно, јазикот добива храброст да си каже што има. Неподносливо лесно е да си се опиеш. И покрај долгогодишниот тренинг, кога пијалокот е квалитетен, немам дно. А ако ми се погоди друштвото, е тогаш стварно немам дно.
Неизбежно некои утра се потешки од други. Некои се многу тешки.
Сепак и покрај цела колекција на не-утра, мамурни или немамурни?
Мамурни, цел живот.
Емили, Италија