Колку чини животот на запад?

Такси чини повеќе отколку во Париз. Кило тортелини се триеспет евра кило, a aко на некој му се пријаде цреши на Божиќ, има. И тоа има, за цена од триесетиосум евра кило. Еден коктел е од четири до дванаесет евра, а грам кокаин стотка. Книгите се вистинска привилегија, а забарите се крадци пар екселанс. 

Да почнеме со прехрамбени продукти. Моето маало е најубаво на светот: доматите и пиперките светкаат како да ги рибале пред да ги стават на тезги, во рибарниците пливаат се уште живи јастози, насекаде збиени дрвени продавници специјализирани за секаков вид на кашкавали и салами наречени " салумериа".

Уличките мирисаат на топол леб, пршута и пармезан, а утринската прошетка со скржавите утрински зраци сонце кога сите те поздравуваат по име и ти го спремаат она што веројатно ќе го побараш, таа нема цена. Ти брзаш да стигнеш некаде додека те сопнуваат групи на германски баби и дедовци или Jапонци кои ги сликаат тезгите, зјапаат нагоре и не гледаат ништо живо пред нос. Не им се лутиш за да направиш пата со сите оние луѓе на кои ти им го препречуваш патот со градската мапа во раце. Пошто и ти некаде си турист.

Пазарот е толку сугестивен колку скап.

-Француски лук: 18 евра кило

-Јастог: 65 евра кило

- Една торта, простичка, за 8 луѓе : 50 евра

- Ти-бон стек: 40 евра кило

Ако сакате да зготвите ручек за четворочлено семејство, удрете математика.

Што друго е луксуз? Културни дешаванки, театар, концерт, опера и книги, луѓе мои! На пример, карта за Магбет која игра во Општинскиот Театар неделава чини 70 евра. Концерт на Васко Роси во јуни на стадион, една зелена. Концерт во Арена на Верона над 150. Скапо е да бидеш културен.

Она што е скандалозно се учебниците и цела потребна литература за факултет. Една книга е од 20 до педесет евра, а секој предмет има и дополнителна "топло препорачана литература" која редовно ти се паѓа на испит. Постои закон за забрана на фотокопирање отсекогаш, но во последниве години неговото спроведување е доста ригорозно, па кога си студент ги знаеш сите можни фотокопирници каде ти даваат да фотокопираш цели книги со скривање. Е тоа е доста италијански момент, пошто се збори тивко, од време на време фотокопираните листови треба да ги подзатскриеш и да се правиш будала ако случајно влезе контрола. Изгор: хемиско чистење и чистење на кола.

Шнајдерите се богаташи, водоводџиите и браварите се дават во пари. Со чичко чевлар опа тропа троп е подобро да не си играш мајтап. Забарите се најголеми крадци, посебно зашто на државно не можеш. Цените се нечовечни. Не дај боже да те заболи.

Одиме на одмор: во Ричоне (Ромања), десет дена во август само за лежалки и чадор чинат околу 500 евра за две особи, додај клинци, додај 500 евра. Ски пас по човек за шест дневно скијање во Кортина 234 евра. Цената до лани не предвидуваше можност за финансиска и фискална контрола, но од лани и тоа е можно.

Најголемите неправди нормално се случуваат во туристичките места, каде ако не пазиш ќе те соблечат гол и уште фала ќе треба да им кажеш. Да ги исклучиме оние ствари за Јапонци и Американци, како возење со гондола. Да останеме на земја.

Сладолед: во Фиренца во близина на камбаната на Џото, за две топки 7 евра. Пијачка на Сан Марко за четворица, да заокружиме на поситно - стотка.

Најчудните сметки ги видов за паркинг. Еден саат во Портофино е дваесет евра.

Али не дојдов уште до најинтересниот дел.

Колку чини шише вода на Капри?

Чекај сега малку, да ги ставам контурите и видикот на приказнава. Ти текнува на оние трите карпи што се гледаат една со друга, ги има во сите водичи за Италиja, во еден куп сцени од филмови и уште во толку реклами за парфеми?

Се лоциравме. Ги гледаме Фараљони од блиску и се обидуваме да ги запамтиме. Како сите пати кога влагаш во некоја катедрала или стоиш пред некоја слика обидувајќи се да запаметиш колку што може повеќе, ги гледам со саати. Топло јунско претпладне. Тивки туристи и лесен жагор, а мене ми останува само емоцијата во џеб. Очите немаат толку солидна меморија како срцето.

Ми се пие вода.

Има и вода. Десет евра мало шише.

Како лисицата со грозјето, се подзавртев накај Фараљони и си помислив дека и не се баш нешто специјално.

На познатото плоштадче на Капри, цените се пропорционални со шишето вода. Во цената е вклучен и видикот на јахтата на Џенифер Лопез, Абрамович, Долче и Габана и слични. И исто во цената е вклучена можноста да пиеш кафе лакт со лакт со Ерос Рамазоти, со Тоти или Бекам, ако ти дошло до нив.

Какви се цените, еве какви се. Има сè, за сите пари, ама главно има сè за многу пари.

Се мислам како да ја затворам мојава ценовник - колумна ама не ми текнува ништо триумфално за крај. Нема да ти зборам за пари, живот, среќи и несреќи. И сигурно нема да ти направам глупи муабети од типот дека среќата не е во парите, парите не се сè во животот, парите не се среќа и обратно. Немам заклучок, немам ништо за трампање, немам прелог или ветување за некоја нова тема, а пошто следната недела е Свети Валентин, нема да пишувам текст. Ќе ме има, малку поинаку. Немам наравоучение, ниту пак имам некому да му честитам роденден. Немам твитер. Не дремам на фејсбук. 

На мејл одговарам брзо, ако имаш нешто.

Било што.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

4 февруари 2013 - 17:25