Зошто не ми сечат ножиците?

Се случува додека некаде шишам жива ограда, некој минувач да ми пристапи и да ме праша од каде ми се ножиците со кои работам. Се гледа восхит во неговите очи. Моите ножици сечат беспрекорно веќе 8 години. Се гледа дека не се нови и дека се „убиени“ од работа. И неговите некогаш сечеле... кога биле нови. Но, по некое време, обично по некој месец или година, веќе се за во канта. Не сечат. Како веќе и да се заʼрѓани.

Како тоа? Од каде се моите ножици? До ножиците е или до човекот што сече со нив? Како да одбереш добри ножици, било за жива ограда било градинарски ножички?

Прво, нешто за тоа кои ножици не е добро да се одберат. Не ги купувајте најевтините! Од моето скромно искуство, направени се и од најевтини и најслаби материјали. Едноставно, не вредат ни да ви ги даваат без пари! Металот е мек и се витка, не се разминуваат сечилата под добар агол, штрафовите и федерите испаѓаат лесно... Заборавете на такви. Најевтините ножици никогаш нема да сечат добро.

Од друга страна, има ножици со славни имиња и репутација на светско ниво: ГАРДЕНА, КОРОНА и ФЕЛКО, на пример (без гајле, не сум платен да ги рекламирам). Секако, овие се далеку, далеку подобри од најевтините! Можеби изгледа дека се „пресолени“ по цена, но позадоволни ќе бидете со нив, го имате мојот збор. Но, ДУРИ И ТИЕ по некое време изгледа не се веќе истите: кочат, се лепат, џвакаат...Има ли некое чаре?

Всушност, тајната на доброто сечење е во две работи. Прво, да се изберат задоволително добри ножици. Не мора најскапите, и не мора брендовите кои ви ги спомнав погоре. Не е секогаш до брендот; всушност, ножиците за жива ограда што ги спомнав во воведот (тие на сликите) и што ги имам „умрено“ од работа се едни тајвански, и немаат никакво име на нив!

Втората работа е уште побитна. Тоа е одржувањето. Како што и најквалитената кола и куќа ќе пропаднат без соодветно и навремено одржување, така е и со рачните алатки, како што се градинарските ножички и ножиците за жива ограда. Еве како се одржуваат:

  • По секое сечење, очистете ја смолата и/или лепливиот сок од металот. Тоа е она што лепи и кочи! Можете да употребите челична волна, многу фина шмигла, или некоја метална алатка за да ја изгребете. Јас лично користам друг пар ножички и гребам со делот што не сече. Гребете го „лепливото“, а не металот на ножиците! (види слика)
  • Полесно ќе ви оди ако претходно го омекнете тој растителен „лепак“ со некој растворач на масти: бензин, моторно масло или дури и зејтин.
  • По малку острете ги одвреме-навреме, најмалку еднаш во сезона. Долната страна не ја чепкајте, на горната само нежно повторете ѝ го аголот со некоја фина плосната турпуја за метал.
  • На крај, избришете ги со крпа (чувајте си крпа за оваа намена) и премачкајте ги со некое масло (може и за јадење) особено ако не планирате да ги користите подолго време.

П.с. Најдругарски ви препорачувам да носите ракавици додека го правите ова. Иако имам чистено ножици безброј пати и без ракавици, неколку пати се имам гадно исечено!

На ваков начин, вашите ножици и ножички ќе ве служат долго време и ќе ви носат задоволство во работата низ двор, а не нервоза. Можеби и вас некој случаен минувач ќе ве праша восхитено: „А бе, комши, од кај ги зеде овие ножици? Моите за ништо не ги бива...“

Дејан, градинарот

dejan.arborist@gmail.com

на ФБ тука

5 ноември 2016 - 15:11