И вииш чудо: точно на 13-ти октомври 2012, еден месец пред годишното закажано ослободување на Скопје од клетите фашисти, пред 360-тина дена меѓу првите две утрински кафиња (ц-ца 08:16 наутро) ми се јави Ел Хефе Трендо и ми ги кажа историските зборови на чиј крај имаше невидлив прашалник: „Буљо, а да ти отворам јас тебе една бавча на Офф"
Бавча? Ха!
Да бе, да пишуваш.
А добро, што да пишувам?
Истото шо го правиш на фејсбук, само... во друг формат.
Aха. Чекај баќо, ќе треба да пишувам во точно одреден ден?
Не, пишувај кога сакаш.
А, колкави текстови треба да пишувам?
Големи колку што сакаш. Колку Македонија, цела.
Може ли да ставам слики и клипови во нив?
Може бе, нормално. Стави и туршија ако сакаш.
Пишувам за што сакам?
Него како, мали.
Слободата ми е важна. Кога сум растеретен од обврската на икс ден во икс време да доставам нешто што сакам да е креативна креација, процесот на канализирање на мислите оди побргу. Буквите како џуџињата на Снежана кога одат на работа во рудникот и пеат „Ајхооо, ајхооо..." се расположени и подготвени за комбинаторика ко Виенска филхармонија. Ти си диригентот, па узми цевку и работи. Слободата е и една голема обврска, исто како шо и голема баклава за бајрам е голема обврска.
Мини драмска пауза. Посегаш по цигарето да вовлечеш дим и гледаш дека изгорело повеќе од половина и се претворило во пепел кој не паѓа во пепељара. Го дигаш пополека и го носиш кон устата, со пепелот комплет. Вдишуваш и гледаш црвен обрач од оган на границата меѓу пепелта и неизгореното. Ring of fire. Ваква игра во друштво кога се подава цигаре без да се тресе пепелта се вика „пич*ка". Кому ќе му падне пепелта, тој е носител на титулата. Издишуваш, и тресеш. Ти не си пич*е.
„Епа, да пишам", радосно одговорив. Тркнав до катастар, си зедов имотен лист, на една даска изгравирав „КУЧЕ ПАЗИ, БЕТМЕН!", купив јогурт и корнфлекс и се спремив за свеченото отворање на мојата бавча. „Во неа ќе садам само најубав зеленчук, овошје, ќебапи, кисело млеко, донери, лоза и шопска за добри пријатели", си мислев тогаш. 13-ти октомври 2012 година. Општонародно весеље на цел народ во мојата глава. Трибините меѓу уши правеа бранови. Бев весел ко свадба на Цеца и Аркан.
Почнуваш со еден текст. Веднаш после објавувањето сакаш да пишеш уште еден. Па еден утре, па еден за три дена, за да не си досаден. Земаш било каква замена за дијазепам за да се смириш малку, се осамуваш во тоалет и си ја масираш главата или џогираш во куќа (со затворени ролетни). Застануваш пред огледало и си намигнуваш: „Браос бе мајсторе, добар си". Па сфаќаш е стварно идиотско намигањето во огледало кога си трезен и добар си бидејќи знаеш дека си само добар, а не одличен. Знаеш дека ќе си досаден ако пишуваш секој ден. „Ок, ќе пишувам еднаш неделно... за што ќе ми дојде.“ Је, рајт. Секоја информација која ти влегува во глава ја третираш ко потенцијална тема за обработка. Информациите се таложат. Имаш проблем да одбереш тема. Седнуваш со дванаесет идеи во глава, не бидува ништо. Неколку часа подоцна седнуваш да провериш меил /пошо хороскоп ис фор пусис/ и зборовите доаѓаат сами, редовите се везат ко додавања од Барса. Сфаќаш зошто сакаш да го правиш ова. Сфаќаш зошто и уредникот сака да го правиш истото.
Започнуваш и не престануваш. Влегла чивијата. Фудбал, ЕУ, архитектура, Феликс Баумгартнер, скопските калдрми, евросонг, недоискажаноста во народниот фоклор, птеродактили, пријатели, турски протести, владици, избори, земјотреси, соништа. Сите грижливо одгледувани, виреат во мојата бавча. Некогаш ќе напишеш нешто што само тебе ти е интересно и ќе му се посветиш и ќе уживаш како никогаш дотогаш. Некогаш ќе заглавиш на глупи теми кои се актуелни и знаеш дека ако ги третираш ќе ја навлажниш почвата моментално, но дека кога ќе ги прочиташ после 3 месеци нема да ти значат ништо. Сепак, ги правиш.
„Одбрани, не собрани дела, Бетменче!", велит Трендо.
„Знам, знам баќо, ал јебига, морав да пишувам за „тоа и тоа". Морав бидејќи ме јадеше јанѕа. Морав бидејќи ми беше глупо. Морав бидејќи може и поинаку." Ко шо Зидан мораше да му даде глава на Матераци бидејќи овој му опцул сестра и се женско што му шета по двор, за сите пари.
Не мораш. Сакаш. Затоа што сакаш да го правиш тоа. Некој ќе ти забележи дека „мудруваш непотребно и фејкаш интелектуала". Друг ќе се воодушеви на пристапот и стилот. Некој ќе кликне на икс и ќе продолжи да живее без сознанието на бетменската улична парафилософија. Некој ќе го отвори текстот и нема да го прочита бидејќи ќе му е предолг. Некој ќе кликне лајк или шер без отварање, бидејќи мисли дека така треба. Некој ќе ти пише дека си кретен и треба да умреш во затвор, некој ќе ти понуди објавување на книга или работа во друг медиум. И сето ова е веројатно некој нормален тек на работите.
Jaс... пишувам затоа што имам што да кажам. Од првиот ден, до денес, минијубилејна година после свеченото сечењето на првиот патлиџан во мојата бавча. Не за да фатам женска или да добивам попуст кога купувам овчи кашкавал или за да ме препознаваат на улица и да се сликаат со мене. Не за да кажам како овие работи не ми годат. Туку затоа што гледам, слушам, чувствувам и имам потреба од асал режим на работа на мојата нуклеарна централа, без катастрофални хаварии. Затоа пишувам. За да имам кого да читам, затоа пишувам. Затоа што има за што да се пишува, затоа пишувам. Затоа што не сакам медиокритети, затоа пишувам. Затоа што ми е убаво овде, во мојата бавча, со прекрасните комшии бавчанџии и чифлик сајбијата, затоа пишувам.
18-ти октомври 2013 година. Во мојата бавча се трудам секогаш да има вкусен зеленчук, овошје, ќебапи на дрво, кисело млеко веднаш до јагодите, донери на ползавец долж цела ограда, лоза и шопска за добри пријатели. Има и коров, хеј ене и пиреј, имало и ќе има и вошки и вируси бидејќи долг е патот на семето од нагноената почва до твојата чинија.
Ама имаме и семе, имаме и време.
За убаво :)
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT