Го сакам фолкорот, народната и ненародната музика ми се мевлем за душа. Имаме стварно блескави песни по референтни точки простор и време, на кои и Коен и Кеш би подзавиделе. Том Вејтс да си беше наш наместо Волцинг Матилда ќе растураше по концерти со „Отвори ми мила пенџери". Елвис Присли ладно можам да го видам на сцена како крши колкови на „223-305". Шарл Азнавур има црвени рози за вас, мадам, а во исто време Хулио Иглезијас на Макфест е триумфален со „Колку сакам Самба од Штип па до Мадрид". Сепак, ми бодит очи то шо не фаќаме еден музикален тематски дискурс и лутаме од ваму до таму, не пуштаме коренче, не го тераме филмот до крај.
Што се случило со Деспина? Да, ќе ја грабиме, никој нема да знае иако колку ѕвезди на небото ќе има, толку пушки ќе се фрлат (па после чуди се како да дигнеш востание со една ваква демилитаризација во име на љубовта). Ја грабивме шо ја грабивме, кој ќе ја земат по дома? Кому два кладенци вода ќе му носит насабајле за со тазе месениот зелник Деспинче? Кој ќе и пазарит мелено месо за мусака во недела сабајле? Како им одел сексот и дали Деспи се понашала спонтано и била посветена, или од сексуални пози омилена и била „Нафтена мрља во Мексички залив"?
Има ли песна? Има ли зборој? Има ли солзи? Има ли овчо кисело млеко? Има ли логика? Многу неодговорени прашања одѕвонуваат после секое слушање на одличната песна на Наум Петрески. И... Каде е Наум, еве можда 15 години после поставувањето на овие прашања да даде некој конкретен одговор или барем да соопшти дали има напредок во потрагата по одговорите? „Здраво, да, има песна, зборој чат пат, солзи за свадби, има се, може се". Или да се појави уплакан на прес конференција и да си каже: „Како што гледате, солзи има, ама песна не. Ни зборој, ништо". И тука би затвориле поглавје, фер енд сквер.
„Дојди ми Лено (или Милено) на Перниче Бело" е супер зимско-идилна химна. Америте го имаат Дин Мартин да ги омекнува како кисела вода бело вино кога ќе им заврне снегче, а тие ќе киднат како Французи од Русија пред камин, ќе ги дигнат сите четири во вис и „Лет ит сноу" до кога сакаш. Драган Мијалковски е пофраер. Нема омекнување, него затврднување на пристапот кон зимата. Да, зимата си дошла, снегот снежи, в постела нему сам не му се лежи. Многу логично, веројатно немало некоја добра утакмица или иселенички џубокс на телевизија тогаш. Плус, му било кочан ладно (ваљда си купувал плочи со парите за парно) па си ја вика Лена да си се греат со ребрата. Парно, порно – еписибир. Али би било скроз супер утредента да напише едно пусулче со следната содржина: „Лена не дојде, па ѝ се јавив на Мери, и што да ви кажам. Јадевме шпагети па после тоа... ај тејк д фифт. Одбрана со молчење. Комшиите нека ви кажат, мене ми беше топ-ло".
Трендо еднаш многу коректно забележа за невидената летаргија која го беше опсипала уплаканиот јунак кој Жали за Деспина. Апатија, да сркаш со кутлача како грав од лонец. Мајка му го будит да ојт до продавница да купит виршли и јогурт за доручек, овај викат: „Не! Остај ме, жалам за Деспина". „Абе сине, разбуди се, ми јавија дојава наместена утакмица уругвајска втора лига да ми ја уплатиш". Ма немат теорија мајче, велит синот. Срцето му било уморно и пусто. После како кретен седи на пенџер и ја гледа Деспина како ја грабаат оние од погоре, со прст не мрда, а апатијата доживува врв кога како лошо распрдено дете заклучува: „И да свирите, и да пеете, жал за Деспина не ќе помине". Арно де. Тоа не е причина да се пропушти „Жал за Деспина:II – Повратак џедаја" кога доаѓаат Ванземаљци и си ја земаат Деспина како најбарана роба во фолклоров, па и мрзеливиот и грабачот си жалат малку заедно, пред да си пуштат рака и да потпишат пакт за справување со надворешното зло и секоја вечер ритуално да им наштетуваат на интерпланетарните киднапери со светење ласер кон небо и пушење по две кутии на отворено за што повеќе чад да им оди на малите зелени. Во „Деспина Тројка" едниот од нив може да е познат индустријалец кој направил фабрика за да ги угуши вонземјаните, напишал селф-хелп книга „Кој ми го здипли Деспинчето?", а вториов има 3 ќерки и едно машко дете, сите се викаат Деспина за да му остане барем синот кога жениве ќе се омажат. Секоја втора недела се збираат на скара, 50 ќебапи со кило кромид и пола тон пиво, па ја одржуваат традицијата ждригајќи во зурла насочена кон најблиската галаксија за која постојат основани сомневања дека има потенцијал за живот.
Ибуш Ибраимовски окапа по Роза. Дали дозна во која градина расцутува? Кој ја со вода полева? Дали дојде Роза барем да се видат, бидејќи тажни биле песните што ги пееле? Втор дел „Розо Моја“: Ибуш и невестата си седат на тераса и џвакаат мачмалоу, Милан Зафков со армониче е задолжен за француска романтика и ја свири Едит Пјаф. Нежно, расположено, да ти е милина да го слушаш Ибуш како пее „Су ље сил де Парис“ и беседи на ведри теми.
Дали Атина Апостолова уште му пее на кршачот на чаши по цели вечери? Од каде им толку чаши, крај краева? Која кафана може да искрепи таков цреп кој шљока и им прави зулум? Дали после сите поебани чаши, гостите почнуваат да тегнат од шише?
„Во црно вино утеха нема" пее мајсторот Перо Христов. Песна пишувана во мамурлак или во кафана со тапа екипа, толку тапа да земеш да пишуваш песна. Можда пак и виното не му се погодило. Се кладам дека имало прилики со феноменален модро-крвав вранец кога во виното не само што имало утеха, туку и гео-политички стратегии, експертиза за економски ситуации, анализи на трки од формула 1, љубов колку грав во казан од касарна и – идеја за нова песна. Каде е песната бе, Перо? „Во црно вино братче те поштовам многу" или „Уз црно вино шарска си земав".
Шефе, како пилето? Пее ли уште, рано на сабајле или мора со молење? Дали е Јован уште во Стамбол-град? Што прави таму, зошто не си дојде дома сега кога имаме многу турски инвестиции, серии, кадаиф, баклава и спомен куќа на Ататурк? Тетка Благице, дали уште не можеш да го заборавиш? Сузана Спасовска може цел албум да извади во кој песна по песна, стих по стих ќе објаснува што доџавола е „Џингрлака Џикица".
Апелирам за континуитет. Многу отворени прашања стојат во нашата потсвест од моментот кога прв пат сме ги чуле песните. Мир не даваат. Боцкаат. А за споредба, види ги Швабите: Бетовен не им пишувал текстчиња, многу швалерски, туку само музика. Така лесно можеле да си ги завршат песните сами, да си се договорат како треба и – хоп! Водечка економска сила во Европа. Само со комплетни песни се оправа држава.
Фала бог, и кај нас не е се така сиво. Имаме и жолта, имаме и народни херои. Кликајте плеј, слушајте го упатството од Мастер Јода Арнаудов и фаќајте се за работа.
Државата чека на нашите идеи.
Tекст за комплетна песна праќај тука: betmenvelit@gmail.com, @BatmanSaysT. Музика ќе ни закомпонира Владо Јаневски.