Вчера попладне низ фејсбук каналите по кои најбрзо се организираат луѓе околу некоја хуманитарна идеја го прочитав најтажниот текст кој човек може да го прочита. Текст во кој се апелира за финансиска помош на семејството на малиот Иван кој беше прегазен кај Католичка Црква во саботата, бидејќи „неговите родители немаат средства за да го извршат погребот".
Како дополнителна информација стои и тоа дека во локалното гранапче во Трнодол, од каде што е Иван, има кутија за донации во која може кој сака да остави некој денар за фамилијата која се соочува со трагедијата.
Каква и да е анатомијата на вистината зад апелот (дали родителите побарале пари за ковчег или за бензин или за облека или некој пријател на фамилијата одлучил да апелира за помош), евидентно е дека таквата помош на родителите им е потребна (доказ е кутијата во Трнодол).
Сепак, на фејсбук (и на порталите кои го презедоа апелот од мрежата) се собираа пари со цел на дознака „за достоен погреб на Иван бидејќи неговите родители не биле во финансиска ситуација да го сторат тоа". Секој човек во прв момент ќе изреагира емоционално, како што изреагирал веројатно и оној кој ја видел кутијата во гранапчето во Трнодол и ја постирал на фејсбук со соодветна текстуална позадина и оставен контакт телефон.
Поради траорната информација која на фејсбук започнува да се шири под насловот „Да им помогнеме на родителите барем достоинствено да го закопаат своето дете", се создава еден амбиент во кој првата слика која ја имаш пред очи е фамилија која не знае дали ќе успее да го погреба телото на својата прерано згасната ѕвезда, бидејќи сето тоа чини повеќе отколку што тие имаат. И нормално е да ти се наткрене желудник, прво да се разгневиш на цената на умирачката во Македонија, на општата економска состојба и социјална политика, па потоа уште повеќе да се растажиш и да го навјасаш гневот со емпатија и желба некако да им се помогне на оние на кои им е незамисливо тешко и без делот кај што размислуваат од каде ќе најдат 30+ илјади за ковчег, крст и другите нешта кои се користат при погребите.
Бидејќи јавноста почнува да врие, започнуваат да се јавуваат и индивидуалци кои без многу размислување вртат телефон и се нудат да ги покријат сите трошоци, се јавуваат и компании кои да не грешам душа само делуваат дека настапуваат од ПР побуди, а сакам да верувам дека не е така, туку дека во објавите дека се подготвени да го средат најголемиот проблем во Македонија во неделната вечер, се крие истиот револт кој се јавува кај секој човек. Револт кон релативно непознат противник поради кој еден прерано завршен живот на пешачкиот премин кај Католичка во моментов не може да му биде гарантирано достоинствено последно испраќање.
Работата оди дотаму да се јави со реакција и МПЦ која ветува ослободување од трошоците за фамилијата, после контактот со погребалното претпријатие. И тоа е веројатно единствениот „мандаторен" трошок во вакви случаи. Ако попот е без душа и не сака да пее погреб и да ги удри камбаните кај луѓе кои немаат пари, тогаш имам проблем со тој поп. Ама законски, погреб мора да биде извршен од страна на погребалното претпријатие со или без ослободените трошоци на МПЦ и ова е добро да се знае кога ќе си ја креираме сликата за степенот на животен квалитет во земјата, ќе размислуваме за нашата умирачка кога веќе ни е ваква живеачката.
Лошо ми е од помислата дека некој гледа маркетинг во ваква трагедија - тоа зборува за моето чувство околу корпоративните мршојадци кои се многу полоши од оние од кои го браневме телото на Иван. Лошо ми е и од помислата дека таму некаде има поп кој нема да сака бесплатно да го испрати своето духовно чедо со обред според црковните правила - тоа не зборува дека конкретно трнодолскиот поп е таков, туку дека имало случаи на ароганција и бахатост во црквата која отворила простор за такво размислуање. Лошо ми е и од општото мислење на „сите нас" дека на човек треба да му е страв да умре и затоа што ќе престане да живее, но и затоа што ќе отвори трошок кој фамилијата нема да може да го покрие - тоа зборува за условите за живот и умирачка овде каде што сме.
Сепак, има нешто што не е лошо: и покрај емоционалниот влез во приказната, Македонија покажа емпатија и реши да е хумана без многу размислување. Дури и да станувало збор само за една кутија во Трнодолското гранапче за да им се олесни трошокот на родителите на Иван, кутија која некој ја „отворил" и на интернет и за разлика од Пандорината во која последна остана надежта, овде надежта дека човечноста не е мртва излезе прва на видело. Ако има некој микрограм кој не е лош во сиот траор околу трагедијата на Иван, тоа е дека добрината не може да умре.
Се надевам дека ова ќе им значи барем малку на родителите на Иван, иако нема утеха.
Нека почива во мир.
betmenveli@gmail.com / @BatmanSaysT